Издавачката куќа „Македоника“ од Скопје и Државниот архив на Република Македонија, деновиве ја објавија книгата „Спомени“ од Павел Шатев, како трет том од оставината на Шатев. Преводот од бугарски јазик е на Предраг Димитровски, а стручната редакција и предговорот се на проф. д-р Зоран Тодоровски.
Павел Шатев своите спомени, под работен наслов „Од поуките во минатото учиме за чекорите во иднината“, ги напишал во затворот во Ќустендил, Бугарија, во периодот од 22 ноември 1943 до 7 мај 1944 година, во ракописен обем од 931 страница. По завршувањето на Втората светска војна се вклучува во политичкиот живот на новата македонска власт и тие остануваат без довршена авторска редакција.
Проф. д-р Зоран Тодоровски, меѓу другото, во предговорот на Спомените пишува:
– Сега кога излегоа долго чуваните и замрзнати спомени на Шатев, македонската јавност со право ќе се запраша: зошто токму сега, и зошто дури сега? После 70 години откако се напишани и 62 години од неговата смрт. Причините се повеќе. Најпрвин, спомените, барем во таквите македонски политички состојби по ослободувањето на Македонија, не можеа да бидат објавени затоа што никој не смееше да го обнароди споменот на еден анархист, македонски национален деец, соработник на советската разузнавачка служба, еден од првите критичари на новото македонско партиско раководство. Кој би се осмелил тогаш, во една таква строго контролирана партиска идеологија и цензура, дури до 1991 година , да ги објави спомените на овој македонски национален деец, со цврсто изградени идеи и идеологии, кој на нив ќе остане доследен сè до крајот на својот живот, не подлегнувајќи ниту на жестоките сослушувања и измачувања од страна на македонските полициски служби. Никогаш не барајќи милост или прошка од иследниците на УДБА за стореното, тој единствено признавал дека работел за македонските национални и државни интереси. Уште повеќе, спомените на Шатев не можеле да бидат објавени додека бил жив Димитар Влахов и заземаше високи државни функции, а кого Шатев во своите спомени жестоко го критикува на етички и морален план. А и мемоарите на Влахов долго време чекаа за објавување – пишува д-р Тодоровски
Спомените на Павел Шатев, за разлика од многубројните спомени на македонските револуционерни дејци, не се само спомени и реминисценции за неговата богата револуционерна дејност, туку претставуваат историографска студија, полна со анализи, размислувања, идеи, констатации и реконструкции на македонските револуционерни и политички состојби, на состојбите и политиката на балканските држави кон Македонија и на политиките на големите сили кон Балканот и Македонија.
Спомените на Павел Шатев претставуваат не само негова животна исповед, туку и своевиден преглед и анализа на најглавните манифестации и политичките состојби на Балканот и Европа од крајот на 19 и првата половина на 20 век, што покрај Димитар Влахов, едвај ќе се најде во македонската историографија таква изградена револуционерна и политичка личност со такви продлабочени размислувања, констатации и анализи. Во спомените Шатев дава оценки за големите пресврти во македонскиот историски развој, такви како што биле и такви како што тој ги видел, водејќи се од големата историска одговорност при нивното презентирање. Неговите спомени се пример како не треба да се дотеруваат и фалсификуваат историските настани и факти. Спомените се уште поуверливи и поавтентични, напишани непосредно по настаните, такви какви што тој ги доживеал, не дозволувајќи да им влијаат времето, идеологијата и оценката на историографијата.
Богатството на податоци, опсервации, информации, на документација, како и богатството на духот на ракописот, импресивно сведочи за немирниот дух и интелект на големата ангажираност на авторот.
Павел Шатев е еден од најистакнатите македонски револуционери, национални дејци, политичари и државници. Неговата оставина изнесува повеќе од 4000 страници во ракопис, а само еден мал дел од неговите трудови се посебно објавени во Република Бугарија.
Македоника и Државниот архив во текот на оваа 2013 година ќе ја објават севкупната оставина и документите за Шатев во обем од осум тома.
____________________________
Павел Шатев е непосреден учесник и активен сведок речиси на сите етапи на македонското револуционерно минато: учесник во солунските атентати во 1903 година; активист во организациите на македонската емиграција во Бугарија и член на раководството на Македонската емигрантска федеративна организација и на ВМРО (Обединета); по ослободувањето на Македонија како македонски политичар и државник, се вклучува во државниот и политичкиот живот на новата македонска власт со членувањето во АСНОМ, како член на првата влада на Федерална Македонија и како министер за правосудство.
Во 1948 година бил сменет од политичките функции, во јуни 1949 година уапсен од раководството на македонската политичка и партиска власт, како „потенцијален непријател“ на државата, а потоа изолиран и интерниран во Битола, каде починал на 29 јануари 1951 година.