Друштвото за издавачка дејност „Македонска реч“ од Скопје неодамна ја објави книгата на д-р Михајло Георгиевски „Македонски црковни псалти од 19 век – автори на музички книги и ракописи“.
Во книгата е разгледана црковно-музичката дејност на близу 30 црковни псалти од Македонија коишто, покрај својата псалтирска музичка дејност, напишале и нотирани музички ракописи со невматска нотација на источното црковно пеење.
– Црковното пеење во Македонија, пишува д-р Михајло Георгиевски, се развило под влијание на византиската музика којашто имала црковен карактер, но со текот на времето таа придобила самостојна форма на музичко изразување што денес се нарекува македонска варијанта на византискиот октоих, како што е впрочем и случајот со црковните книжевни текстови напишани во Македонија во кои е изразена македонската јазична редакција (варијанта) на црковнословенскиот јазик и се нарекуваат македонски книжевни споменици.
Д-р Михајло Георгиевски речиси сиот свој работен век го помина во истражување на старите ракописи во Македонија и притоа, на територијата на Република Македонија, успеа да открие и повеќе музички ракописи со невматска нотација од 19 век. Денес во Република Македонија се чуваат околу 45 музички ракописи со невматска нотација. Повеќето од ракописите се од анонимни автори, но има и такви каде што авторот на ракописот се потпишал и оставил белешки за себе.