Објавени драми од Биљана Србљановиќ на македонски јазик

Неодамна, во едицијата Гестус, Блесок ја објави книгата „Скакулци и други драми“, избрани драми од Биљана Србљановиќ. Книгата е приредена, преведена од српски и во избор на Јелена Лужина.

За книгата:
Макар што само една од петте драми што овде ги претставуваме и формално е насловена како „Семејни приказни“, и останатите четири се семејни по својот жанр. И по своите сижеа. Нивните мрачни, многупати морбидни и само на мигови емотивни или трогателни заплети/расплети како да се реферираат на прочуеното мото со кое започнува романот „Ана Каренина“: Сите среќни семејства личат едно на друго, секое несреќно семејство е несреќно на својот сопствен начин. А семејствата во сите драми на Биљана Србљановиќ се – длабоко несреќни. Толку длабоко што сериозно го наметнуваат неизбежното прашање: постојат ли, воопшто, некои штогоде среќни семејни контексти? Или самиот традиционален/патријархален модел, според кој тие сè уште функционираат (дали само кај нас, во нашиот „југоисточноевропски“ свет?), всушност и не може да се оствари без перманентно да провоцира страшен број длабоки човечки фрустрации?
(Од предговорот на Јелена Лужина)

Книгата е објавена со поддршка на ТРАДУКИ, мрежа за книжевност во која членуваат Сојузното министерството за европски и меѓународни прашања на Република Австрија, Министерството за надворешни работи на Сојузна Република Германија, Фондацијата за култура Про Хелвеција од Швајцарија, КултурКонтакт од Австрија, Гете институтот, Словенечката агенција за книга ЈАК, Министерството за култура на Република Хрватска и Фондацијата С. Фишер.

Објавувањето на книгата е помогнато и од Министерството за култура и информации на Република Србија.

You May Also Like