Нов број на “Македонска ризница”

Деновиве излезе и новиот број на магазинот “Македонска ризница” во кој, како и секогаш ќе наидете на бројни интересни содржини кои ќе го задржат вашето внимание …

makedonska riznica juni 2014

Древниот кинески филозоф, мислител и мудрец Конфучие, во една прилика запишал: „Секој ден донеси по една кошница земја на едно место – и ќе изградиш планина“. Прилагодувајќи се на оваа негова максима и доследно применувајќи ја во своето работење, амбициозниот уредувачки тим на списанието „Македонска Ризница“ за само две години успеа да создаде прототип на популарно електронско списание, чиј растеж е повеќе од евидентен, а број на читатели и почитувачи се поголем.

Тивко и ненаметливо, но со многу сенс и посветеност, од месец во месец, од број во број, списанието се надградува и збогатува со нови содржини, токму по теркот на народната – дека здрава и убава куќа се прави врз здрави, стамени темели. „Македонска Ризиница“ е буквално дом во кој „засолниште“ без ничие фаворизирање, подеднакво си наоѓаат креациите на проминентни, но и на надоаѓачки инвентивни творци и креативци со чиста мисла, кои допрва треба да го кажат својот збор во, повеќе умствени, уметнички и други научни дисциплини во кои се остваруваат.

Во Македонија силно се твори и интензивно се создава, зашто пред се исторското, а потоа и културно- социјалното и општествено милје како непресушен извор на инспрација, кријат во себе уште многу загатки и тајни и кои чекаат да бидат обзнанети и обелоденети, на наше заедничко задоволство. Оттаму и немам никаква резерва дека ионака етаблираната електронска платформа озаглавена „Македонска ризница“ ќе прерасне во поголемо „огледало“, кое уште поинтензивно и во поголем обем ќе ги рефлектира македонските творечки дострели, исцртувајќи ја и збогатувајќи со нови сознанија, патеката на македонското битисување и опстојба од дамнина, па до денес.

Посакувајќи Ви да уживате во содржините што ги нуди, 23–от број на „Македонска Ризница“,топло ќе Ви ги препорачам насловите Илинденското востание и македонската еманципација од др.Стефан Влахов Мицов, -преведената статија од списанието „Илустрација Илинден„ за уништувањето на првата чета во- Битолско поле , како и репортажата за манастирот Свети Јоаким Осоговски, сместен во пазувите на Осоговските планини во Крива Паланка.

Со почит, Жорж Поповски

You May Also Like