Друштвото за издавачка дејност „Македоника“ од Скопје, неодамна ја објави книгата „Македонски литературен потсетник“ – книга 1, на проф. д-р Науме Радически.
Првата книга од „Македонски литературен потсетник“ претставува мозаична аналитичка ретроспектива на македонската литература, започнувајќи од средината на 19 век па сè до првата декада на 21 век. Содржи во најголемиот дел студии, а далеку помалку есеистички и критички прилози за маркантни персонални појави, вредности и процеси во македонската литература.
На сцената на македонската литература (како поет) и на сцената на македонската литературна наука (како критичар, есеист и проучувач на македонската литература во 19 и 20 век) Науме Радически е присутен безмалку 40 години. Во раните години повеќе како критичар, а во подоцнежните како истражувач и аналитичар, тој дава забележлив придонес во проучувањето како на актуелните појави во македонската литература, така и на автори, дела и вредности од минатиот и предминатиот век. Во десетината забележливи негови книги, во кои зафаќа теми, меѓу другото, и од литературата на Македонците настанувана на други јазици, како и од проблематиката на меѓулитературните релации во јужнословенски и словенски контекст, сега за за читателите понуди книга која го означува не толку неговото враќање колку неговото посистемно свртување кон најосновните македонски литературни појави и вредности.
————————–
Науме Радически е роден 1953 година во Дабово (Мешеишта) кај Охрид. Основно училиште завршил 1968 во Дабово, а средно 1972 год. во Охрид. На Филолошкиот факултет во Скопје во 1975 год. завршил студии по историја на југословенските книжевности, а на Филозофскиот факултет студирал историја на уметноста со археологија. На Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје, на кој работи безмалку три децении, магистрирал (1981) и докторирал (1990), а сега е редовен професор по современи јужнословенски книжевности.