Проектот на УСАИД за експанзија на мали бизниси и Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот ја организираат турата на Македонија “Недела на авантури” (AdventureWeek) која ќе се одвива од 31-ви август до 4-ти септември. Турата е организирана за група од 20 интернационални туроператори и медиуми, меѓу кои и National Geographic Traveler, Lonely Planet и Yahoo Travel.
“Неделата на авантури” е наменета за директна промоција на Македонија како дестинација за активен туризам пред највлијателните туроператори и медиуми од Северна Америка и Европа, со цел зголемување на бројот на странските туристи во земјата. Туроператорите ќе воспостават врски со бизнисите од секторот туризам во земјата за во иднина да можат да продаваат патувања до Македонија.
Во текот на турата се предвидени неколку настани и активности во различни места низ Македонија кои ќе бидат отворени за медиумите. Точните локации и термини можете да ги погледнете во приложената агенда.
Доколку би сакале да присуствувате на деловите од турата кои се одвиваат надвор од градовите во кои работите, Проектот на УСАИД за експанзија на мали бизниси може да покрие трошоци за транспорт со такси во две насоки во максимална вредност од 1000 денари. Доколку би сакале да учествувате во дел од физичките активности, како возење на велосипед или тандем параглајдинг, трошоците за активностите ќе бидат покриени од Проектот на УСАИД за експанзија на мали бизниси.
Турата на Македонија е дел од поширока тура на западниот Балкан, наречена AdventureWeek Western Balkans, која вклучува патувања низ Косово и Албанија.