Пред новинарите во Битола денеска градоначалникот на општина Битола, Владимир Талески, директорот на Народниот театар Валентин Светозарев и уметничкиот раководител на оваа национална установа, Благој Мицевски ја соопштија програмата на првото издание на „Битола Шекспир фестивал“, кое во рамките на „Битфест“, ќе се одржи во периодот од 19 до 25 јули.
Талески нагласи дека „Битола Шекспир театар“ е нова содржина на „Битфест“, најдолгото културно лето во Република Македонија кое со своите 242 настани има висока посетеност, а овој фестивал е настанот кој ќе го издигне на уште повисоко ниво.
Директорот на Народниот театар од Битола, Валентин Светозарев истакна дека по историскиот успех кој минатата година, овој театар го постигна на престижниот фестивал „Светот за Глоуб“, во Глоуб театарот во Лондон, со поставката на „Хенри 6, трет дел“, годинава, со поддршка на Министерството за култура и општината Битола се реализира идејата и Република Македонија да биде домаќин на светски познатите театри кои го негуваат творештвото на големиот Вилијам Шекспир.
Одговарајќи на прашањето зошто „Битола Шекспир Фестивал“, Светозарев објасни дека создавањето на ваков фестивал се должи на неколку причини, нагласувајќи дека првиот Хамлет во Македонија е отелотворен од Битолчанец, бардот на македонското глумиште Ацо Стефановски, поставка во режија на Љубиша Георгиевски, а од петте актери кои го одиграле Хамлет на македонската театарска сцена, дури тројца потекнуваат од Битола.
На прес-конференцијата исто така беше соопштено дека актерот од Народниот театар од Битола, Огнен Дранговски ќе биде дел од тимот од 20 актери од целиот свет, кои во октомври на сцената на Глоуб театарот во Лондон ќе одиграат претстава во режија на еминентините Џеки Сомервил и Рас Шо.
Македонската публика за време на седумте дена посветени на творештвото на англискиот автор, ќе може да погледне шест уметнички театарски остварувања на престижните национални театарски куќи од Србија, Русија, САД, Финска и Kина. Во рамките на ова фестивалско издание гости ќе бидат директорот на Шекспировиот Гроуб театар од Лондон, Том Брд, како и еден од најеминентните шекспиролози во светот, Рандал Мартин, професор на Универзитетот Њу Брунвик во Канада.
„Битола Шекспир фестивал“ веќе е дел од мрежата на европското и светското семејство на шекспирови театри, а Република Македонија е единствена од земјите дури и во поширокиот регион која конципираше токму ваква манифестација.
Свеченото отворање на првото издание на „Битола Шекспир фестивал“ е закажано за 19 јули во 20.30 часот во Центарот за култура во Битола каде ќе биде прикажана претставата „Ромео и Јулија“ во режија на Дејан Пројковски, копродукција помеѓу Вера Комирсажевскаја од Санкт Петербург и Народниот театар од Битола.