Најава за годинешното издание на “Каменичко културно лето”

Во организација на Културно-информативен центар „Романса“, од 20-ти до 29-ти Август, на Градскиот плоштад во Македонска Каменица, ќе се одржи петтото по ред издание на традиционалната музичко-сценска манифестација “Каменичко културно лето” 2013.

Kamenicko kulturno leto

Организаторот на манифестацијата “Каменичко културно лето” за годинава најавува богата десетдневна програма, настапи на звучни имиња од домашната и балканската естрада и уште поголема посетеност од минатите години.

Каменичко Културно Лето 2013 ќе биде отворено со заеднички настап на искусните македонски диџеи DJ Goce SAF и DJ Dimitri from Chair, кои конечно ќе пристигнат и во Македонска Каменица.

Втората вечер, по стенд ап кабарето на Весна Бејби Петрушевска следуваат младите и перспективни бендови Лабаво Лавабо и Пи Ем. Етно вечерта, на 22 Август, публиката ќе може да ужива во музиката на етно составите Billy Esteban и Ајдаред.

Наредните вечери се предвидени за промоција на македонскиот фолклор, традиција и обичаи со настапи на неколку реномирани културно-уметнички друштва. На 26 Август е настапот на победниците на годинешниот Пехчево фест – Фестивал на дувачки оркестри, маестралниот Уска Кан блех оркестар. За добра атмосферата пред главната вечер се задолжени Фолтин, а кулминација манифестацијата ќе доживее на 28 Август, со спектакуларен концерт на балканската поп ѕвезда Жељко Самарџиќ.

Во рамки на Каменичко Културно Лето 2013 ќе се одржи и изложба на олдтајмери, ќе бидат прикажани неколку документарни филмови, а за публиката се предвидени и еден куп изненадувања. Оваа манифестација е финансирана од буџетот на општина Македонска Каменица, Рудникот за олово и цинк „Саса“, Кит Го маркети и уште неколку помали фирми и претпријатија. Медиумски покровители се Курир, Телевизија Д1 од Делчево и ТВ Стар од Штип.

Влезот за сите настани е бесплатен.

You May Also Like