Најава за 40-тите „Мајски оперски вечери“

На четириесеттите јубилејни „Мајски оперски вечери“ кои ќе се одржат од 9-ти до 31-ви мај 2012, ќе бидат изведени шест претстави – пет оперски и една балетска. Фестивалот в среда ќе биде отворен со целосно нова  „Травијата“ на Верди, во режија на Нина Најденова од Бугарија.

Директорот на МОБ Дејан Прошев на пресот денес изјави дека за оваа година решиле програмата да биде конципирана со претстави кои во изминатите четири децении биле најгледани, според статистиката на продадени билети. „Травијата“ е најгледана опера, зашто е изведувана пред полн салон на МОБ – и за време на Мајските оперски вечери, и кога е на репертоарот на куќата, вели тој.

Следни на програмата се „Турандот“, со тенор од Јужна Кореја и сопран од Русија, балетот „Лебедово езеро“ со ѕвезди од Берлинскиот балет, „Тоска“ – со гости од Бугарија и Италија, „Војвотката од чардашот“ со домашна екипа и традиционално за затворањето на МОВ, на последниот ден од мај, ќе биде изведена Вердиевата „Аида“ – оваа година со домашни солисти и со гости од Велика Британија, Германија и од Италија.

Режисерката на „Травијата“ Нина Најденова за својата поставка вели:
– Направивме специјална „Травијата“ која досега не е видена. Психолошко-трагично-лирска драма на жена која решително презема чекори на прагот меѓу животот и смртта.

Со Хорот и Оркестарот на МОБ ќе диригира Норман Виџаја од Индонезија, кој вторпат е во Македонија и рече дека е почестен што бил поканет да работи на „Травијата“ која му била прва опера пред 35 години и негов фаворит.

Насловната улога ќе ја игра македонската сопранистка Благица Поп Томова. Таа првпат го игра овој лик и дека иако е исцрпувачки, тоа е една од најубавите улоги за еден сопран, вели самата. Нејзини партнери се тенорот Ѓорѓи Цуцковски (како Алфред Жермон) и баритонот Борис Трајанов (како Жорж Жермон).

За Цуцковски ова е трета продукција на „Травијата“ во која настапува:

– Интензивно работевме на наоѓање чиста емоција и нејзино донесување на сцена, рече тој.

Цената на влезниците за претставите на фестивалот е 600, 800 и 1000 денари. Приходот од „Травијата“ е наменет како донација за Институтот за белодробни заболувања.

You May Also Like