Настап на Летечки Пекинезери на Blues’n Jazz Rallye во Луксембург

На 20-ти јули, во Луксембург, ќе се одржи традиционалниот Blues’n Jazz Rallye – Блуз и Џез собир, на кој покрај многуте музички изведувачи од целиот свет, ќе настапи и популарниот скопски џез-квинтет Летечки Пекинезери.

blues'n'jazz rallye luxemburg

Blues’n Jazz Rallye е музички маратон кој се одржува секое лето, и е најпопуларниот летен настан во Луксембург, кој привлекува над 25.000 посетители годишно.

Повеќе од 250 музичари ќе настапат на 12 сцени, поставени под отворено небо, како и во концертните сали, ресторани и кафулиња на различни локации низ градот. Нашите Пекинезери, ќе настапат на отворено, на сцената на Југоисточна Европа, заедно со уште два состави од Република Србија и Република Полска.

Летечки Пекинезери (Бојан Петков-гитара и перкусии, Иво Солдатовиќ-кларинет, Кирил Туфекчиевски-контрабас, Славчо Коцев-тапани и Петар Христов-тенор саксофон) се македонски џез состав со единствена цел, да создава нова свинг музика. Досега имаат продуцирано преку 40 авторски дела и издадено еден самостоен албум, за реномираната Skopje Jazz Festival Records. Потеклото од Македонија, неминовно се чувствува во нивната музика, преку влијанието на балканските звуци.

Oвој џез-квинтет пред се’ циркулира по ноќните клубови и фестивалите во земјава, а одвреме-навреме и на фестивалите надвор од Македонија. Во последниве две години тие бележат настапи во Словенија, Црна Гора, Албанија и Косово, а минатиот ноември одржаа концерт и во Њујорк, САД.

На Blues’n Jazz Rallye, Летечки Пекинезери ќе претстават и дел од материјалот од нивниот втор самостоен албум, чие снимање се планира летово.

You May Also Like