Денеска и утре (4 и 5- септември) во Младинскиот Културен центар, во фоајето пред кино Фросина во 20:00 часот ќе се одржи промоцијата на збирката кратки хорор раскази „Морбидизам“ од Златко Ѓелески и изложбата на слики и цртежи насловена „Креатури на смртта“ од Игор Аврамоски.
Што ќе добиете ако ја помешате опсесијата на ликовите на По, лудилото од светот на Лавкрафт, надреалниот апсурд на Кортесар, телесниот хорор на Баркер, отуѓеноста на Кафка, сеништата и покојниците на Мамлеев, авторската автодеструкција на Кинг, со бодлерова фасцинација за естетизацијата на грдото и со здрава доза на егзистенционализам, психоанализа, дуализам и кошмарни халуцинации, зачинето со научна фантастика и црн хумор, реализирани во постмодернистички манир? Одговорот е „Морбидизам“ на Златко Ѓелески.
Љубителите на филмот во книгата ќе може да откопаат реминесценција на калеидоскопски колажи од Twilight Zone до Дејвид Кроненберг и Линч; од Кен Расел, преку Дарио Арџенто до Брајан де Палма.
Златко Ѓелески е писател, филмски, музички и книжевен критичар, роден на 9 февруари 1986 година во Битола. Основно и средно училиште има завршено во Кичево, а дипломира на катедрата за општа и компаративна книжевност при факултетот „Блаже Конески“ во Скопје во 2010 година. Живее во Скопје.
Активно работи за промовирање на хорор културата во Македонија, автор, уредник и издавач е на хорор списанието „Кошмар“ од 2008 година до денес. Тој е дел од водителската екипа на радио хорор емисијата „Danse Macabre“ на Канал 103. Тој има објавено голем број на филмски рецензии во неколку магазини и е уредник на веб страната movies.mk и има објавено неколку музички рецензии на plagijat. Toj e еден од организаторите на ревијата на хорор филмови „Мрак Фест“.
„Морбидизам“ е неговата прва збирка на раскази. Во подготовка е неговата втора збирка наречена: „Колекционер на страв“.
Изложбата на слики и цртежи „Креатури на смртта“ се состои од четири циклуси посветени на раѓањето, создавањето, умирањето и повторното раѓање на смртта. Аврамоски Игор успева да ја зароби вечната мистерија на сликарското платно, да му даде живот на умирањето и да ги долови сите фази на декомпозицијата на непостоењето.
Аврамоски Игор е роден 1993 година во Кичево. Во 2012 почна да студира во ликовната академија св. Кирил и Методиј – Скопје, на отсекот Ликовна педагогија.