Со одлука на Владата на Република Македонија, Министерството за образование и наука првпат ќе додели стипендии за додипломски и постдипломски студии за старотурски јазик на универзитети во Турција или во други земји кои имаат катедри за ориенталистика.
Министерот Спиро Ристовски денеска соопшти дека ќе бидат доделени 15 вакви стипнедии. Ги повика сите заинтересирани кои сакаат да изучуваат стар турски јазик да аплицираат и ако бидат примени ќе добијат целосна стипендија. Посочи дека Македонија има потреба од таков стручен кадар поради голем број стари документи и ретки ракописи кои ги има во македонските архиви, библиотеки, но и во имотните книги.
– Старотурскиот е меѓу најстарите документирани јазици на ова подрачје, од 7 до 12 век, голем број докумeнти, записи, архивски податоци на територијата на Република Македонија се напишани на старотурски јазик. Тој е различен од актуелниот турски јазик и е мешавина од турскиот, персискиот и некои арабиски елементи. За нас ќе биде значајно ако 15 студенти се запишат на додипломски или на постдипломски студии во Турција или во други источни земји каде што се изучува старотурскиот јазик, а ќе бидат стипендирани од Владата на РМ. Република Македонија има потреба за превод на сите тие историски документи, но и катастарски документи зашто има и голем број тапии, како и поради пристапот што ни го даде турската Влада до архивите, изјави Ристовски.