Министерство за култура: Реакциите за „Замислувајќи го Балканот“ од бугарската страна се пост-фестум

Реакција во врска со написите на бугарските медиуми по повод случувањата поврзани со изложбата „Замислувајќи го Балканот“ презентирана во Белград.

Почитувани,
Министерството за култура информира дека проектот „Замислувајќи го Балканот“ (патувачка изложба) во организација на Регионалното биро на УНЕСКО во Венеција е резултат на тригодишна работа на Националните координатори, претставници на Националните музеи од Југоисточна Европа. На реализацијата на изложбата и претходеа многу консултации и усогласувања на текстовите кои се однесуваа на предлозите од сите земји-учеснички во проектот.

Изложбата успешно беше отворена за прв пат во Љубљана на 9-ти април 2013 година за време на состанокот на министрите за култура на Југоисточна Европа. Исто така по тој повод со поддршка на УНЕСКО и ИКОМ беше отпечатен и каталог кој е резултат на заедничката работа на сите координатори.

Потенцираме дека отворањето на изложбата и печатењето на каталогот не беа предмет на забелешки на ниту една од земјите-учеснички во овој заеднички проект со УНЕСКО. Реакциите кои доаѓаат од бугарската страна се пост-фестум, во месец август, поточно четири месеци по реализацијата на изложбата во Љубљана.

Сметаме дека реакциите се задоцнети и имаат друга позадина која нам не ни е позната. Жалиме што идејата, со изложбата „Замислувајќи го Балканот“ да се испрати порака за заедништо, соработка и дијалог меѓу народите на Балканот добива друг контекст и што се злоупотребува во политички цели.

Република Македонија со гордост и внимание ја прифати оваа иницијатива да биде дел од изложбата, се со цел да прикажеме дел од нашето минато во името на заедничката историја на балканските народи во периодот на 19 век.

Со почит,
Одделение за односи со јавноста

You May Also Like