По повод 27 март Светскиот ден на театарот, македонската порака ја испрати Мими Таневска, актер и професор на Факултетот за драмски уметности во Скопје.
Во својата порака Tаневска вели:
„Театарот опстојувал низ вековите како жива традиција докажувајќи ја постојано сопствената неопходност. Иако ефемерна уметност, тој секогаш бил и мора да биде моќна сила во општеството, арена во која луѓето се истражуваат себеси и светот во кој живеат. Она што е важно во театарот е пулсот на животот, имагинативниот набој кој се создава кога актерите и публиката ќе се спојат, магичната комуникација во која сите даваат и добиваат нешто што ги преобразува. Сoздавајќи ја таа посебна атмосфера театарот предизвикува длабоки, потсвесни емоции. Тој ја отелотворува онаа енергија и снага на човековиот ум, која го искушува и поединецот и општеството. Веројатно заради таквата моќ, во текот на целата историја, имало обиди театарот да се скроти или да се стави вон законот. Но, уметноста подразбира слобода и затоа многу идеолошки системи и диктатури не успеале да се справат со неа и да ја стават под своја контрола. Слободата не е нешто што некој некому ќе му го дада или дозволи. Слободата се зема. И не постои систем кој може да ја стави во рамка, доколку таа самата не сака да биде врамена. Уметноста е слободна онолку колку што таа самата сака и може да се избори.
Театарот секогаш постои во некој актуелен општествен контекст. А целта на театарот во сите времиња била и ќе биде, како што вели Хамлет „… да стои, така да се каже, како огледало пред природата, да ја покажува добродетелта со нејзиното вистинско лице, како и гадоста, а секој век во историјата – со неговиот неразубавен облик…“
Театарот треба да биде доследен на својата цел: да ги отвора вистинските прашања, да коментира, да просветлува, да вознемирува, да возбудува, да открива, да го одбира и да оди по патот на вистината, да го покренува духот, да воспоставува систем на вистински вредности, да бранува, да раздвижува, да гради високи естетски критериуми, да провоцира, да го брани својот интегритет, да ги крши конвенциите…
Театарот треба да биде отворена врата за сите храбри, авангардни и креативни идеи. Отворена врата за секоја нова генерација на театарски создаватели кои се должни да го надградуваат и да го унапредуваат. Театарот е континуитет и мора постојано да се движи напред, не смее да има празен од.
Од сите понудени избори, театарот е мојот дефинитивен, вистински и конечен избор. Го избирам театарот наспроти сè, зашто тој ми е пред сè и над сè. Тој е мојот идентитет, моето убедување, мојата определба, мојата припадност. Тој е мојата татковина, нација и вера. Тој е мојот живот. Во театарот сум дома – своја на своето и своја меѓу своите. Иако, понекогаш се чувствувам (овде ќе ја парафразирам Дубравка Угрешиќ ), како женски Дон Кихот, кој сè уште е засегнат за својот убав театар, во време кога тој го менува својот лик, кога нештата се мерат со етикети, а не со содржини.
Денес во целиот свет се слави театарот и сите ние овде, како на сцената така и во публиката, го направивме нашиот избор. Избравме театар. Театар во кој треба со подеднакво задоволство да влегуваме и како актери и како публика.
Да живеат храбрите сонувачи за кои прашањето „Да се биде или не?“ не е само прашање туку и одговор!
Да живее храбриот, достоинствен, даровит, чудесен театар!“