Меѓународен акварелен симпозиум во Скопје

Од денеска (14 август, среда), почнува четвртиот Меѓународен акварелен симпозиум, интернационален десетдневен настан што го организира Општина Карпош.

paleta

Целта на симпозиумот е промовирање на акварелот како сликарска техника што нуди неограничени можности за изразување на авторите.

И годинешното издание на овој културен настан, кој коинцидира со почетокот на „Карпошово културно лето 2013“, ќе биде воздигнување на акварелот низ делата на многу славни уметници од земјава и од странство. Свое учество на симпозиумот најавија Таки Павловски, Павле Кузмановски, Илија Кавкалески, Ставре Димитров-Стадим, Томе Мишев, Илија Спасовски, браќата Тони и Емил Шулајковски, Агрон Салиу, Влатко Симеонов и Пандора Апостоловска – Саздовска, која деновиве се врати од Париз со трета награда од европски сликарски натпревар.

На четвртиот Меѓународен акварелен симпозиум од гостите од странство своето присуство го потврдија Росана Соријано Поло и Ана Кондато од Шпанија, Саадет Годџе од Турција, Наталија Жалознаја од Белгија, Кирил Божков од Бугарија, а се очекуваат и уметници од Грција, Шведска и од Австрија. Од поранешните југословенски простори ни доаѓаат Зимер Молиќи од Косово, Сања Прибиќ од Хрватска, Здравко Круљ од Босна и Херцеговина, Миомирка Петровиќ Ѓокиќ, Ендре Пеновац и Едита Кадриќ од Србија, како и многу други. Авторите своите дела ќе ги создаваат низ десетдневна дружба во Скопје и во Охрид, а на 16 август ќе бидат и гости на Ликовниот хепенинг што ќе се одржи на платото „Лептокарија“. На истото место, на 23 август ќе се одржи и завршната изложба од Меѓународниот акварелен симпозиум.

You May Also Like