Мерсиха Исмајлоска: Наградите го потсетуваат авторот на одговороста – да бранува

Мерсиха Исмајлоска е критичар, есеист, раскажувач и поет. Неодама ја доби првата наградата „Книжевна далга“ што ја доделува Меѓународната книжевна манифестација „Струшки книжевни средби“, во организација на Здружението „Бран“ и ревијата „Бранувања“.

mersiha_ismajloska1.jpg

Наградата на Исмајлоска и’ беше доделена за нејзиното критичко и есеистичко творештво. Признанието, како и работилницата за женско писмо одржана на фестивалот ДримON, беа повод со неа да поразговаравме за книжевноста, уметноста и личните и колективни бранувања пред кои денес е исправен секој креативец.

Како ја доживеавте наградата „Книжевна далга“, имаат ли наградите за книжевност моќ да брануваат во денешно време?

– Прво прашање и прва одлична провокација да се премисли уште еднаш, наградата, онаа врска која ја има со авторот и онаа со книжевната средина. „Книжевна далга“ за мене беше миг, кога уште еднаш по кој знае кој пат, личниот однос кон книжевноста, и што таа за мене е, го поставив или самиот се наметна, јавно, пред таа книжевна или подобро кажано, културна стварност. Во таа релација на тој однос и односот на културата спрема книжевноста е и одговорот на вториот дел на прашањето. Не брануваат наградите сами по себе, туку повеќе се тука да потстетат на онаа одговорност на авторот, да предизвикува бранови. Секој што пораснал покрај вода знае дека ни брановите не се секогаш исти, некогаш брануваат посилно, некогаш онака суптилно и нежно.

 

Пред какви предизвици е поставена денес книжевноста? Пред какви предизвици се книжевниците, писателите,есеистите, креативците?

– Книжевноста, ми се чини денес, како и секоја друга наука, се наоѓа пред оној предизвик, да ја потврди својата основна догма, која секако најмногу се однесува на прашањето: „Што е таа, што е книжевноста?“. Спред мене, тоа најмногу се потврдува преку односот со другите науки, оние блиските на нејзе, но и оние другите. Слично како и самата книжевност, книжевниците, би морале, пред се да го откријат, оној интимен однос со неа, да бидат најпрво одговорни спрема себе си, а потоа и да се обидат да го најдат своето место во поширокиот контекст. Секој своето место, сигурна сум , често го преиспитува. Реалноста и тоа никако само културната, знае да биде и сурова, но и блага. Ми се чини предизвикот на авторот, е таму некаде помеѓу, во одржување одговорна рамнотежа помеѓу книжевноста и она надвор од неа.

mersiha_ismajloska2.jpg

Неодамна бевте дел и од уште една манифестација која се одржа за прв пат – фестивалот за процесирање култура ДримON, каде што држевте работилница за женското писмо. Постои ли женското писмо денес, со што тоа се соочува, како се препознава?

– Тоа беше навистина пријатно искуство за мене. Таа работилница ми покажа, дека и женското писмо и те како е актуелно, но дека дефиницијата се излизга таму некаде помеѓу книжевноста, полот, филмот…односот кон времето. Секако сметам дека женското писмо и не ќе постоеше, да не беше и онаа репересија на општеството кон жените или попрецизно, жените-автори, па тоа некако барем на почеток е некоја креативна последица, процеп во кој и Таа говори, процеп преку кој ќе биде слушнат и нејзиниот глас или поглед… Врзано и те како со сексуалноста, односно со оној сензибилиет, кој и од поглед или од допир или од отсуство прави наука, женското писмо според мене е најбезбедно во книжевноста. Филмските примери, кои се донекаде женско писмо, ја илустрираат онаа врска на нелинеарното време во женското писмо со женскиот глас и поглед, но и онаа интердисцплинарна врска помеѓу книжевноста и другите науки, во случајов филмот, што ја спомнав претходно.

 

Дали различните жанрови (есеи, критика, раскази) бараат различен „превод“ на авторската креација и одговорност?

– Кога пишувам за книга, претстава, изложба, кога пишувам од позиција на критичар или есеист, секогаш се трудам да ја најдам, по не знам кој пат повторувам, но ете пак, личната врска на авторот со делото, оној интимен момент. И од тоа бива критика, која секогаш е во оние рамки каде се бара односот помеѓу формата и содржината. Кога веќе ќе препознам и свој личен момент во делото на некој друг автор, е тогаш веќе се случува есеј.

mersiha_ismajloska3.jpg

Работите како асиситент на Универзитетот за информатички технологии „Свети Апостол Павле“ во Охрид. Каде се сретнуваат креативноста и педагогијата, за што најчесто „заеднички“ размислувате со вашите колеги?

– На УИНТ „Св. Апостол Павле“ Охрид асистент сум по група изборни предмети од областа на Визулените уметности. Изборот на врската на книжевноста со визуелните уметности, како мој не само личен туку и научен предизвик, водеше кон тоа денес, своите работни денови, да ги поминувам таму, во Охрид, каде таа интердисциплинарна врска се препознава како со работата со студентите, така и во разговорите со колегите. Секако бидејќи се работи за Универзитет за информатички науки, задоволство е кога, креативното пишување ќе се пронајде во креирањето комјутерски игри; Историјата на уметност и културното наследство на Охрид во 3D Археологијата; фотографијата, филмот, анимацијата како креативен израз, и тоа не само на студентите…или кога во еден таков „информатички“ контекст, постои книжевен клуб кој знае да провоцира разговор, кој продолжува и надвор од студентските клупи. Студентите и колегите, не само што го разбираат сончогледот на Оскар Вајлд, туку вешто ги интегрираат своите професионални избори, во она што за нив е одговорност, одговорност спрема себе си, професијата, стварноста.

……………………..

Мерсиха Исмајлоска е родена во 1980 година во Струга. Во 2003 завршила општа и компаративна книжевност, научна насока. Mагистрирала на тема од компаратистиката и теоријата на филмот на која дисциплина е и докторант при Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“, Скопје. Нејзината магистерска теза се однесува на проблемот на перцепцијата и нарацијата прикажан преку вкрстувањето на Истокот и Западот во „Прашина“ на Милчо Манчевски, „Се викам Црвено“ од Орхан Памук и „Боречки клуб“ од Чак Палахнук.

Истражувањето на односот помеѓу литературата и визуелните уметности го продолжува во работата на докторатот, кој ја обработува врската помеѓу фантастичното и визуелното преку Алиса на Луис Карол и таа како феномен, виден преку визулените уметности.

На Конференцијата на конгресот на ENCLS, „Книжевни дислокации“ во 2011 во Скопје настапи со есеј за Салман Ружди и неговоото „бегство од локација“. Акцентот беше ставен на неговиот магичен реализам, кој како преку филмска камера е присутен во неговите дела. Врската на Истокот и Западот, Орхан Памук, како и односот книжевност-филм се дел од темите кои Исмајлоска и понатаму ги истражува.

Со критички осврти, есеи и прозни текстови (раскази) се јавува во повеќе списанија: „Мираж“, „Бранувања“, „Репер“, „Современост“, Тренд“ и др.

Учесник е на повеќе научни конференции, симпозиуми, трибини и други разни собири од областа на културата, науката и уметноста. Преведена е на хрватски, бугарски и други јазици.

 Александра Јуруковска

You May Also Like