Мариja Монтесори (1870-1952)

Во малото италијанско гратче Кјаравале (близу Анкона), на 31 август 1870 год., во семејство на висок државен чиновник, се раѓа долго очекуваната ќерка. Крстена е Марија. Мајка и е од стара италијанска фамилија, во која имало доста интелектуалци. Татко и пак, не бил за тоа жените да учат многу. Во строгата католичка Италија, во втората половина на 19 век, не било задолжително образованието на жените.

Но Марија, уште во раното детство, покажувала големи спобности. На 12 год. таа била примена во техничко училиште. Посебен интерес имала во областа на математиката и природните науки. Затоа, кога требала да се определи професионално, Марија решила да стане детски лекар. Во тоа време во Италија, Медицината била привилегија само за мажите, но тоа нејзе не и пречело. Таа се запишува на медицински факултет, на Римскиот Универзитет и по неколку години, кога била 26, таа станува првата дипломирана жена лекар во Италија.

Како студент, Марија активно ги штити правата на жените. Тогаш станува лидер на движење за рамноправност и е избрана за делегат на Меѓународниот конгрес на жените во Берлин.

Работејќи како помошник-лекар во универзитетската клиника, Марија за прв пат се судира со деца со пречки во развојот. Тие биле изолирани од светот, живееле како во кафез, оставени сами на себе. Додека ги посматрала, таа размислувала дека на тие деца им е потребна друга, различна средина. Токму тоа ќе биде основна точка во нејзината педагошка метода.

За да проникне во проблемите на децата, таа почнува да ги изучува Француските психијатри Е.Сеген и Ж.Итар, со тоа што ги преведува нивните книги на италијански, препишувајќи ги рачно.

Учениците на Сеген и Итар биле умствено заостанати деца. За да работат успешно со нив, тие измислиле различни вежби. Но успеале само да го дијагностицираат развојот на децата, а не да го приспособат методот за дидактичка работа со нив. Марија разбира дека, проблемите на тие деца се повеќе педагошки, отколку медицински и со такви деца треба да се работи не во болница, туку во детски градинки. А тоа во тогашно време се косело со друштвениот морал.

Марија длабоко ги изучува падагогијата, антропологијата и психологијата. Во институтот за експериментална психологија при Римскиот Универзитет, таа почнува да спроведува истражувања, со тоа што, го насочува вниманието врз природните фактори на средината која ги опкружува децата, и тоа како тие влијаат врз развојот на умствените спсобности. Тогаш ја поставува основата на нејзиниот систем. Во институтот се запознава со Џузепе Монтесано, колега со кој покасно има дете, но без брак. Затоа што се плашела од мислењето на католичката црква, кога во 1898 г. раѓа син, таа го остава на дадилка, во селце, близу Рим. Синот Марио, расте без мајка, во селско семејство, учи во дом…и долго време незнае ништо за мајка си. Отпрвин му кажувале дека е братучед на познатата во тоа време дама Марија, но подоцна разбира дека му е мајка. Откако се среќаваат, остануваат да живеат заедно до крајот на своите животи.

Во 1900г. во Рим, отворена е првата градинка Монтесори. Тука Марија ги прави првите обиди за создавање подготвена средина за деца со пречки во развојот. За само 3 месеци од отворањето, првите позитивни резултати се на виделина.

Во 1904 год. Марија Монтесори, добива катедра по антропологија на Универзиететот во Рим, каде започнува да врши антрополошки истражувања. Таа работи со дидактички материјали на Сеген, ги подобрува и ги дополнува, обидувајќи се да развие свој сопствен метод на обука за читање и пишување.

На 6 јануари, 1907г. во Сан Лоренцо, била отворена првата школа за здрави деца “Casa dei Bambini”, изградена целосно според методот на Монтесори. Во Сан Лоренцо, живееле сиромашни семејства од работничка класа. Тие немале услови да платат партиципација за детската градинка. Локален моќник, донира убава зграда и купува мебел. Атмосферата во неа, спонтаноста и трудољубивоста на вработените, стануваат препознатлив белег на градинката. Успехот на “Casa dei Bambini”, добива интерес од медиумите. Многу млади педагози почнуваат да се интересираат од методот на Монтесори.

Во 1908 год. се отвора и втората школа Монтесори, а година покасно Марија го организира првиот курс за подготовка на Монтесори учители, на кој се запишале околу 100 лица. Така започнува триумфалното освојување на цел свет. Кај Марија веќе доаѓале педагози од различни држави.

Курсот кој го предавала Марија, е објавен во книга – „Антрополошка Педагогика“, а во 1910 излегува и „Методот на Монтесори“, книга која е преведена на повеќе од 30 јазици.

Во 1913 год. Монтесори го одржува првиот меѓународен курс во Рим, на кој присуствувале учители и педагози, не само од европа, туку и Австралија, Африка, Кина, САД, Канада…Во таа година Марија за прв пат ја посетува Америка и прави бум. Таму го создава Montessori Educational Association. Во исто време во Русија излегува книгата “Дом на Детето, метод на научна педагогија“. Јулија Фаусек, ја открива првата детска градинка во Санк Петерсбург, инспирирана од посетата на Италија.

Движењето Монтесори, се развива во цел свет. Зимата 1923, синот Марио Монтесори, пишува писмо до италијанската влада, во кое обајснува за огромната популарност на системот на неговата мајка во цел свет, градинки веќе има и во Нов Зеланд, Индија и Кина. Како резултат на тоа писмо, се одржува средба на Мусолини и Марија. Официјално е признаен методот и владата на Италија, одобрува големи средства. Со указ на крал Виктор Емауел, се создава Монтесори општество. Се знае дека, во 1926 год, на шест месечниот тренинг курс за учители, Мусолини плаќа 10000 лири од свој џеб, за да го следи.

Во 1929г. заедно со синот Марио, Марија ја организира Меѓународната Монтесори Асоцијација (AMI- Association Montessori-International), каде создава специјален колеџ и школа со најдобрите инжињери и архитекти во Италија. Во говорот, на отварањето на колеџот, Марија Монтесори вели дека не се интересира од политика, за неа важно е да се создадат услови за слободен развој и воспитување на децата.

Сепак, политиката се замешала. Монтесори школите или градинките, како сакате, во Шпанија биле забранети за време на востанијата во Браселона, разрушени биле во фашистичка Германија и самата Италија, а во Русија детските градинки и школи биле затворени во средината на 20-те години, поради политички проблеми. Учителите ги нарекувале космополити, водејќи се од западното влијание.

За да избега од потрага, Марија заминува во Шпанија, а подоцна патува во Холандија. Во 1936 год. во Мадрас,Индија поканета е да одржи лекции. Забрането и е да ја напушти Индија, пред крајот на војната, зошто е Италијанка, а Италија го подржува режимот на Хитлер, за време на втората светска војна. Душевна болка, тага и страв ја обземаат Марија. Науката за неа, престанува да биде толку важна како порано. Таа сега следи резлигиозни групи. Ја спасува блискоста со својот син, нејзин верен помошник. За 7 год. емиграција таа успева да обучи илјадници педагози.

Во Европа, Марија Монтесори се враќа на 76 годишна возраст, веднаш по војната. На почетокот на 50-те год. на минатиот век, таа ги пишува своите трудови, кои во голем дел се научни. Во 1950 год. доделено и е призанание, професор на Амстердамскиот Универзитет. Два пати е номинирана за Нобелова награда.

Во 1951 год. се одвива 9-тиот по ред Меѓународен Монтесори Конгрес, во Лондон. Својата последна лекција 81 годишната Марија Монтесори ја одржува во австрискиот град Инсбрук. Умира на 6 мај 1952 год. во холандското гратче Нордвик, близу до Амстердам, каде што е и погребана.

Во 1952 год. Montessori Educational Association го назначува за водач, нејзинот син Марио. Тој прави многу за ширењето на методот Монтесори. По неговата смрт, фебруари 1982г. претседател на асоцијацијата станува внуката на Марија Монтесори.

Подготвил: Л.Ѓ.

You May Also Like