Општина Гази Баба во соработка со Организација на жени на Гази Баба, ја организираа вчера (сабота, 1 јуни) првата манифестација „Етно денови Гази Баба 2013“.
Манифестацијата ја отвори градоначалникот Тони Трајковски, а присутните ги поздрави и претседателката на организација на жени Гази Баба, Ленче Јовановска. Етно денови 2013 се одржува во Скопскиот саем, а со свои ракотворби се преставуваат жени од општина Гази Баба, општините Крушево и Прилеп, како и гости од Врање и Краљево, Република Србија.
Во уметникиот дел се претставија учениците од ДСМУ „Илија Николовски Луј“, кои со своите изведби ги одушевија присутните гости.
Исто така, со македонски песни се претставија и гостите од македонско – српското здружение од Краљево. На реализацијата на оваа манифестација претходеа организирање на етно работилници, кои со партнерот во проектот „двв Интернационал“ жените од Гази Баба и сите оние кои беа заинтересирани, учеа разни вештини за изработка на украсен накит, плетење на чипки, изработка на реплики од носии, везење на мотиви од народните носии и друго.