„Динамично дуо“ е насловен проектот на македонските сликарки Симонида Филипова Китановска и Касиопеја Наумовска, што в петок на 30 август, премиерно ќе ѝ биде претставен на публиката во берлинскиот „Прима центар“.
Отворањето на заедничката изложба, што патем ќе се одвива до 14 септември, ќе биде следено и со ликовен перформанс на кој тие пред присутните во галеријата, преку своите сопствени творечки ракописи, ќе го претстават и етапното настанување на идејата за едно уметничко дело.
Радио Слободна Европа јави дека Симонида Филипова Китановска и Касиопеја Наумовска овој петок, со своето творештво, ќе се обидат да го предизвикаат вниманието на ликовната публика во берлинскиот „Прима центар“. Македонските сликарки кои заеднички го потпишуваат проектот „Динамично дуо“, во германската метропола ќе се претстават со повеќе од 20 дела во помали формати настанати во изминативе две години, но и со перформанс кој подразбира сликање на две големи платна на самото отворање на постановката.
Ова ќе биде едно претставување на Симонида и мое со нашиот начин, фактички личниот, интимниот начин на соголување на сликарството. Да го покажеме процесот на создавање на едно дело. Некогаш може да се крсти перформанс, некогаш вака или онака, но во суштина се работи за тоа да се доближи постапката до публиката за таа да го почувствува моментот на креативноста и на етапното создавање на идејата.
„Ова ќе биде едно претставување на Симонида и мое со нашиот начин, фактички личниот, интимниот начин на соголување на сликарството. Да го покажеме процесот на создавање на едно дело. Некогаш може да се крсти перформанс, некогаш вака или онака, но во суштина се работи за тоа да се доближи постапката до публиката за таа да го почувствува моментот на креативноста и на етапното создавање на идејата“, истакнува Касиопеја Наумовска.
Таа дополнува дека таквиот период и не може да однапред да се предвиди, некогаш е кус а друг пат подолг, па затоа тие планираат да направат мало шоу за публиката со одреден рок на творештво и дека на овој начин најпластично ќе и ги понудат на увид сопствените различни творечки пристапи и ракописи.
Ваквите творечки изблици не се новина во комуникацијата на обете уметници со јавноста, па затоа нималку не чуди кога Филипова-Китановска вели дека тие и досега заеднички ги практикувале ликовните перформанси и дека „Динамично дуо“ е нешто што се родило спонтано и се наметнало сосема природно во нивното долгогодишно пријателство и взаемна соработка.
„Мене ми е навистина интересно и нималку не ми смета публиката кога сликам, а инаку со Касиопеја заедно често сме сликале на хепенинзите што вообичаено ги организира општина Карпош бидејќи и обете живееме таму. Сме сликале и заедно на иста слика. Се знаеме како уметници и притоа се надополнуваме бидејќи сме различни во изразот – моето сликарство е чисто апстрактно, кај неа има фигурација и сето тоа изгледа интересно. А, се нарековме „Динамично дуо“ едноставно затоа што двете сме експресивни“, вели Филипова-Китановска.
Наумовска, пак, говорејќи за претстојната изложба во Берлин вели дека е сосема нормално што и тие двете, впрочем како и сите други наши уметници, логично очекуваат „некој да ја препознае нивната уметност и да ја стави на место каде што можат да си ги измерат сопствените квалитети“.
„Берлин, не само јас туку тука ќе се согласат повеќе уметници и творци, е моментално ден од најдобрите центри што се однесува за култура. Сите од овде што тргаме таму сме со мисла дека можеби ете некој ќе ја препознае нашата уметност и ќе ја стави на место каде што можеш да си ги измериш сопствените квалитети. Сепак, Македонија е малку затворена во однос на контактите и соработката се одвива исклучиво со уметници, а сето останато го организираме сами и затоа малку потежок е патот. Јас сакам тоа да биде една врата на едно наше покажување, сме имале групни изложби со повеќе автори и на други значајни места низ Европа, и затоа ова го сметам како двојна самостојна изложба – и нејзина и моја, но колку и како ќе бидеме забележани зависи од одбраната публика и од контактите што ќе се воспостават таму и од желбата за соработка се разбира од нивна страна“, вели Наумовска.
Инаку, по Берлин, Симонида Филипова Китановска ќе има изложба во Неготино каде, пак, Касиопеја Наумовска летово веќе претстави дел од своето творештво, а обете заедно со колегата Решат Амети до крајот на септември ќе излагаат и во Бостон, во САД, јави Радио Слободна Европа.