На 12. „Дон Бранкови денови на музиката“ што во рамките на КоторАрт фестивалот се одржаа од 13 јули до 13 август, беа реализирани вкупно 12 концерти, на кои, меѓу другите настапија и македонските уметници: пијанистот Симон Трпчески, обоистката Гордана Јосифова-Неделковска и диригентот Борјан Цанев.
Истакнатиот музички критичар Борис Марковиќ, се осврнува на моментите интересни за македонските изведувачи на Фестивалот. Учеството на нашите музичари на овој исклучителен фестивал на кој, Борјан Цанев го диригираше легендарниот пијанист Погорелиќ, Симон Трпчески доби овации, а Гордана Јосифова-Неделковска учествуваше во несекојдневна музичко-книжевна вечер, учество на нашиот композитор Љупчо Константинов со авторството на музиката за дури три претстави (од кои две премиерни) , како и на нашиот Театар за деца и младинци со претставата „Пипи долгиот чорап“.
Фестивалски концепт
Централна тема на годинашните Дон Бранкови музички денови што опфатија најразлични музички жанрови, стилови и изведувачки ансамбли, беше одбележувањето на 200-годишнината од раѓањето на црногорскиот владика и владетел, поет и филозоф Петар Втори Петровиќ Његош. Кон ова одбележување се приклучија и другите сегменти на КоторАрт фестивалот, како: Которскиот фестивал на театри за деца, школата за архитектура АПСС, Тетарот на премиери, Фестивалот на клапи и студентската работилница „Пишување на градот“. На повеќе простори во Котор-градот со долга историја и богато културно наследство, сместен во тврдините на Стариот Град во самиот фјорд на заливот Бока Которска, „Дон Бранковите денови на музиката“ претставуваат квалитетни и атрактивни уметници, ансамбли, оркестри, воспоставувајќи соработка меѓу уметниците и подигнувајќи ја културната свест.
Концептот на Фестивалот од неговото основање го осмислува уметничкиот директор Ратимир Мартиновиќ, пијанист и редовен професор на Академијата на уметности во Нови Сад. Кон одбележувањето на Његошевиот јубилеј, Мартиновиќ предложи 4 случувања, меѓу кои и концертот на свеченото отворање на Денот на државноста на Црна Гора, под наслов „Његошевите двеста“, на кој, меѓу другото настапи и прославениот хрватски пијанист Иво Погорелиќ со Црногорскиот симфониски оркестар, а под водството на македонскиот диригент Борјан Цанев.
Учество на македонските уметници
Кога станува збор за македонските уметници, интересно е да се спомене дека настапите во рамките на „Дон Бранковите музички денови“ за тројцата македонски уметници-учесници беше посебен предизвик. Младиот диригент Борјан Цанев имаше можност да диригира со Црногорскиот симфониски оркестар и чест да соработува со еден од најголемите и најконтроверзни пијанисти на денешницата Иво Погорелиќ. Обоистката Гордана Јосифова-Неделковска изведуваше дела од камерната музика во аранжмани за обоа и харфа или за обоа, флејта и харфа, при тоа следејќи го текот на литературниот текст во интерпретација на црногорската артистка Варја Ѓукиќ. Перспективниот пијанист, пак, Симон Трпчески настапи два пати: првата вечер како солист, а втората во дуо со виолинистот Роман Симовиќ.
Цанев со Погорелиќ на отворањето
Поради специфичната интерпретација што Погорелиќ ја третира на неконвенционален начин, диригирањето на Концертот за пијано и оркестар во еф-мол“ од Фредерик Шопен беше предизвик повеќе и за музичарите од оркестарот и за диригентот. Така Цанев во трансмисијата помеѓу солистот и оркестарот успешно ги воспоставуваше динамичките баланси и ги следеше прилично честите агогички промени на солистот… Во низата солисти со кои соработувал, и соработката со Иво Погорелиќ – уметникот со често пати „чудна“ и изненадувачка интерпретација, секако на Цанев му понуди богато искуство.
Трпчески – на рецитал и во дуо
Повеќе пати прогласен во разни медиуми за пијанистичка ѕвезда, Симон Трпчески на годинашните „Дон Бранкови музички денови“ го докажа својот сеопфатен уметнички потенцијал. Тој на 4 август со рециталот во Црквата на Светиот Дух ја започна годинашната концертна сезона со дела од двајца романтичарски композитори. Которската публика имаше прилика да ги слушне двете композиции на Јоханес Брамс – прво, мошне медитативната изведба на „Трите интермеца“, опус. 117, а потоа и „Варијациите на тема од Хендл“. Вториот дел од рециталот опфати две композиции на Франц Лист – неговите „Валцери според Шуберт“ и „Унгарската рапсодија“ број 2. Како кулминација на концертот, рапсодијата во ниту еден момент не зазвуче тривијално, што е чест случај на музичката сцена. Трпчески, инаку добитник на неколку државни признанија, ја промовираше и македонската музичка продукција.
По добиените овации, на бис ја изведе композицијата од својот пријател, композиторот Панде Шахов, инспирирана од македонската народна песна „На Струга дуќан да имам“. Иако во публиката имаше и туристи од Македонија, за сите кои не знаеја за која песна станува збор, Трпчески прво ја испеа оригиналната народна песна со клавирска придружба… Дека е искусен и како камерен музичар, Трпчески на которската публика и’ покажа веќе следниот ден изведувајќи виолински сонати од Григ, Дебиси, Франк и Равел, заедно со црногорскиот виолинист Роман Симовиќ, воздигнувајќи го годинашниот фестивал Дон Бранкови денови на музиката во самиот врв на светските концертно-фестивалски сцени.
Јосифова-Неделковска – музика „од женски агол“
Македонската обоистка Гордана Јосифова –Неделковска, инаку декан на Факултетот за музичка уметност во Скопје и уметничка директорка на фестивалот „Охридско лето“, имаше прилика да учествува во сосема единствениот проект што е осмислен токму на „Дон Бранковите денови на музиката“. Станува збор за концертот под наслов „Преплетувања: на Његош со верноста на жената“, со кој годинава јубилејот на Његош беше одбележан низ музика и книжевност. На платото покрај најголемиот сакрален објект на Јадранот, Богородичниот храм во Прчањ,… беа изведени композиции аранжирани за харфа, обоа и флејта. Изведувачкото трио беше во интернационален состав: освен Јосифова-Неделковска од Македонија, во него членуваа и харфистката Флораледа Саки од Италија и флејтистката Хјуним Јоон од Јужна Кореја, додека текстови од книгата „Книга на длабока верност кон Његош“ од српската писателка Исидора Секулиќ, меѓу „музичките интермеца“ интерпретираше артистката Варја Ѓукиќ. На тој начин, Његош беше ревитализиран „од женски агол“, низ неговиот световен и сакрален живот на владетел и владика, филозоф и поет.
Претседателот Иванов – сосема приватно
Иако концептот на „Дон Бранковите музички денови“ се заснова врз класичната музика, секоја година во програмата се вклучени и концерти што по својот контекст и’ се приближуваат на популарната култура. Така годинава настапија познатиот хрватски уметник Дарко Рундек со своето Рундек Карго Трио, како и светски познатиот џез трубач и композитор Душко Гојковиќ со својот ансамбл „Белград Самит Октет“. Беше задоволство да се слуша овој маестро на трубата, кој и во својата 82 година од животот е во полна изведувачка форма и кој ја одушеви которската публика. Куриозитет повеќе на овој концерт беше присуството на претседателот на Република Македонија, Ѓорѓе Иванов, кој и со своето музичко интересирање го придоби вниманието на црногорските медиуми.
Boris Marković, muzički kritičar
RTV – Radio Novi Sad (Srbija)
RTS – Radio Beograd 2 (Srbija)
Revija klasične muzike „Muzika klasika“ (Srbija)
Dnevni list „Pobjeda“ (Crna Gora)
Dnevni list „Vijesti“ (Crna Gora)
Дополна за македонското учество и во театарскиот дел од КоторАрт фестивалот
Само да дополниме дека македонски претставник имавме и во театарскиот дел од КоторАрт фестивалот кој исто така комплетно беше во знакот на јубилејот на Његош. Имено, за дури две годинашни премиери во изведба на „Котор арТеатарот“, музиката ја напиша нашиот истакнат композитор Љупчо Константинов. Станува збор за претставите „Сон на Божиќ“ на црногорската режисерка Лидија Дедовиќ и „Његош и јас“ – авторски проект на Паоло Маџели. Интересно е што во рамките на овој дел од програмата репризно беше изведена и претставата „Његош.Огнови“ на тандемот Маџели-Радмила Војводиќ од 2010 година која ексклузивнмо се игра само во стариот которски затвор, а за која исто така музиката ја напиша Константинов.
Инаку, во театарскиот дел од КоторАрт, со успех настапи и Театарот за деца и младинци од Скопје со претставата „Пипи долгиот чорап“.