Вчера (вторник, 9ти јули) во Торонто, Генералниот конзулат на Република Македонија и Македонија 2025 организираа свечен прием на кој присуствуваа претставници на македонскиот бизнис сектор, претставници на Одборот на директори на Македонија 2025, како и голем број угледни бизнисмени од Канада меѓу кои и еден од најуспешните канадски бизнисмени со македонско потекло г-дин Џон Битов.
Настанот беше поддржан од Македонската бизнис асоцијација во Канада, а присутните имаа специјална можност да дегустираат дел од асортиманот на македонски вина од Винаријата Стоби, како и призводи од македонски производители присутни на канадскиот пазар.
Во своето обраќање Генералниот конзул на Република Македонија во Торонто Драган Ѓурчевски ја потенцираше потребата од постојано негување и зајакнување на дијалогот со бизнис заедницата и приватниот сектор, заради остварување на заедничките цели и постигнување на економски раст и развој на Република Македонија. Во продолжение Ѓурчевски подарувајќи му македонски штит – симбол на вечноста на Претседателот на Одборот на директори на Македонија 2025 г-дин Мајк Зафировски, му се заблагодари за досегашната посветеност и му посака уште долги години работа во насока на промоција на Македонија ширум светот и помош во градењето посилна нација.
Приемот беше организиран со цел остварување поблиски бизнис контакти помеѓу претставниците на македонскиот бизнис сектор и канадските бизнис претставници, разгледување на можностите за отварање бизнис во Македонија, презентација на Македонија 2025 пред македонската дијаспора во Канада, како и промоција на престојниот Глобален инвестициски самит – 2013 што ќе се одржи во октомври месец во Охрид.