По повод Денот на независноста на Република Македонија, вчера (сабота 8 септември, 2012 година), на 25-от Меѓународен саем на книгата во Москва (Руска Федерација), се одржи Денот на Република Македонија.
Гостите ги поздрави амбасадорот на Република Македонија во Руската Федерација, Илија Исајловски, а во чест на празникот ќе биде послужено македонско вино. Со извонредна мултимедијална пригодна програма, со содржини поврзани или посветени на Македонија и македонскиот празник, настапија актерите Лаура Арутјуњан и Игор Гололобов од театарот „Город“ од градот Долгорудниј. Во едночасовниот настап тие ги анимираа минувачите, го привлекоа вниманието на посетителите и гостите на штандот и создадоа прекрасна атмосфера.
На штандот на Република Македонија беа промовирани и четири изданија. Првин беа претставени двете изданија на руски јазик специјално подготвени за овој саем: книгата на игумен Никола (Трајковски) „Руските монаси во Македонија“ и „Десет романи на 21 првиот век“, преку кои пред руските читатели и издавачи е претставена новата македонска проза, првата преведена од Елена Верижникова, а втората од Олга Панкина. Потоа беше претставена и „Енциклопедијата на естетиката и на теоријата на литературата“ на македонски јазик на рускиот академик и еден од водечките естетичари во светот Јуриј Борев, кој исто така беше присутен на македонскиот штанд.
На македонскиот штанд беше промовиран и еден од најновите преводи на руски јазик – романот „Невестата на змејот“ на Влада Урошевиќ, кој исто така беше присутен на промоцијата. И ова дело е во превод на Олга Панкина.
На саемската промоција зборуваа Нове Цветаноски, управител на „Македонска реч“, преведувачите Елена Верижникова и Олга Панкина, а за својата книга и академик Влада Урошевиќ.
Штандот на нашата држава го организира од издавачката куќа „Македонска реч“, а со финансиска поддршка на Министерството за култура.