Песни од познатите блогери и поети Марјан Тодоровски и Вероника Костадинова ќе бидат објавени во Електронскиот зборник на андерграунд поезија на познатата поетска асоцијација од Белград, Србија “Поезин“ и тоа како единствени од Македонија.
“Поезин“ е асоцијација на поетски автори и изведувачи кои поезијата не ја доживуваат исклучиво како литературна форма, туку и како перформанс и интеракција со публиката.
На поетскиот конкурс учествувале 212 поети а од нив 55 од седум европски земји ке бидат објавени во Зборникот. Како изненадување на Конкурсот комисија составена од познати мејнстреим и андерграунд поети од регионот ке доделат и награди за, според нивното мислење, најдобрите песни во Зборникот. Но, како што велат нашите поети и блогери, голема награда е и самиот избор нивната поезија да биде дел од Зборникот. Промоцијата на Зборникот ке се одржи нa почетокот на октомври годинава во Белград.
Инаку, Вероника Костадинова зад себе има четири збирки поезија, еден е од првите кавадаречки блогери (www.oksimoron.blog.mk; www.venera.blog.mk) и е етаблирана поетеса со завиден број на поетски настапи, учества и награди на конкурси. Марјан Тодоровски зад себе ја има поетската збирка “Мојот блуз“, на блогерајот (www.bluziranje.blog.mk) активно ја објавува првата автентична кавадаречка колумна (Блузирање) и е секојдневно вклучен во креирањето на настаните и на официјалната и на оф сцената во кавадаречката култура и уметност.И двајцата во моментот ги подготвуваат своите нови книги, чии промоции во секој случај ќе бидат битен дел од квалитетните уметнички случувања низ градот.