Во триесет и шестото издание на Зборникот на поезија и кратка проза од млади автори од просторите на поранешна Југославија „Рукописи“ чиј издавач е Домот на младите во Панчево, застапени се шестмина млади македонски поети и двајца млади македонски прозаисти.
Оваа година, во овој реномиран зборник, застапен е најголем број македонски автори, во споредба со сите досегашни негови изданија. Истовремено, покрај авторите од Србија, во триесет и шестото издание на „Рукописи“, најбројни се авторите од Македонија.
Имајќи предвид дека станува збор за зборник со голема традиција кој веќе се издвојува како најзначајна објава во која еднаш годишно се обединува естетски највредната поезија и кратка проза на младите автори од сите држави од просторите на поранешна Југославија, ова е податок кој уште еднаш говори дека младата генерација македонски поети и прозаисти, создава творештво кое со своите уметнички вредности, достоинствено ја претставува современата македонска книжевност и надвор од македонските граници.
Од околу триста и педесет пристигнати текстови на конкурсот којшто традиционално го распиша Домот на младите во Панчево, на кој можеа да учествуваат автори на возраст од петнаесет до дваесет и седум години, уредниците на Зборникот меѓу кои е и македонскиот поет, есеист, книжевен преведувач и универзитетски професор Звонко Танески, избраа книжевни текстови од околу педесет автори. Од Македонија, во Зборникот се објавени текстови на: Иван Антоновски, Ненад Јолдески, Снежана Андоновска, Исток Улчар, Катерина Диманова, Мануела Златкова, Бојана Петрова и Олгица Станковска.
На 10. и 11 мај, во Панчево се одржа дводневна меѓународна промоција на Зборникот, на која свое учество зедоа и Антоновски, Диманова и Петрова, како и уредникот Танески, со што, оваа година, македонската делегација на ова значајно културно збиднување беше најбројна. Македонските автори, покрај настапот на книжевната вечер на која пред бројната публика беа претставени текстовите застапени во Зборникот, зедоа свое учество и на работилницата на која се согледуваа можностите за промоција и поддршка на младите автори во сите држави од просторите на поранешна Југославија.
На работилницата беше забележано дека во овој миг, во споредба со ситуацијата во другите држави, најсилен пробив на книжевната сцена имаат остварено младите автори од Македонија и Словенија. Беше констатирано дека по низата заеднички претставувања со кои најавија ново време на современата македонска книжевност и своите поетики им ги доближија и на повозрасните генерации автори, како и по објавувањето на неколку значајни антологии во текот на 2012 година, меѓу кои прва се појави антологијата „Ветерот носи убаво време“ во која е претставено највредното од творештвото и на младите македонски поети и на младите македонски прозаисти, младите македонски автори, во споредба со авторите од другите држави, во последниве две години имаат добиено најголема поддршка за објавување на нивните авторски книги, како и поддршка со промовирање на нивното творештво во периодичните книжевни списанија, поради што Македонија може да се пофали и со најголема продукција на објави од млади автори. Но, истовремено беше констатирано и дека по таквата поддршка, младите македонски автори индивидуално ќе треба да го префатат предизвикот на борбата за свое место на книжевната сцена и на борбата за нови естетски вредности во македонскиот книжевен простор. Според изнесените податоци и согледувања, беше констатирано дека во овој момент, Друштвото на писателите на Македонија е реномирана писателска асоцијација од национален карактер која во изминативе неколку години во своето членство има примено најголем број млади автори во споредба со реномираните писателски асоцијации од другите држави, но притоа беше искажано и очекување дека тие автори ќе добијат и поголеми можности за вложување на својот потенцијал во развојот на асоцијацијата.
На работилницата беше забележано дека евидентна е потребата од повеќе младински книжевни фестивали од меѓународен карактер и дека еден таков фестивал му е потребен и на македонскиот книжевен простор, поради што плановите за понатамошна поддршка на младите автори, треба да се движат во насока на создавање на една таква манифестација.
На дводневната промоција, младите автори од просторите на поранешна Југославија разменија бројни искуства, но истовремено дојдоа и до бројни заеднички идеи за понатамошни заеднички претставувања и заеднички проекти.