Македонија со национален штанд на Меѓународниот саем на книгата во Лајпциг

Во рамките на соработката со Саемот на книгата во Лајпциг што ќе се одржи од 15 до 18 март 2012 година, издавачката куќа Готен организира национален штанд на Македонија. Со тоа соработката со Саемот на книгата се издигнува на највисоко ниво. Ќе се изложат дела од современи македонски писатели, речиси сите коишто имале свој превод на дела на германски јазик, неколку монографии за Македонија на германски, како и дела од македонски писатели преведени на англиски јазик, во рамките на едицијата 130 тома македонска книжевност.

Повеќето земји од Југоисточна Европа имаат свои национални штандови на Саемот. Постоењето на штанд ја зголемува видливоста на националната литература и овозможува поголема промоција и паралелна програма во рамките на штандот. Култниот музичар Зоран Маџиров ќе настапи со мал сет на импровизации на шишиња на македонскиот штанд. На штандот посетителите ќе имаат можност да пробаат и македонски вина од сортата вранец. Покровител на штандот е македонското министерство за култура. Заменик министерот за култура Драган Стоиљковиќ ќе го посети саемот и националниот штанд.

На штандот, како и во рамките на заедничката програма со мрежата Традуки, ќе бидат промовирани четворица македонски писатели: Венко Андоновски, Александар Прокопиев, Јагода Михајловска-Георгиева и Лидија Димковска, лауреати на престижни домашни и меѓународни награди. Лидија Димковска ќе ја промовира својата книга на германски јазик, „Пристојна девојка“, објавена во престижната издавачка куќа од Виена, Едиција Кореспонденс. На германската јавност овие четворица автори ќе и бидат претставени со каталог од извадоци, од нивните дела, преведени на германски јазик, што специјално за годинешното издание на саемот го подготви издавачката куќа Готен. Каталогот ќе им биде раздаден на претставници на издавачките куќи присутни на саемот, на авторски агенции, книжевни агенти и други застапници кои посредуваат во објавувањето на авторските дела на меѓународниот пазар на книги.

Македонските автори ќе настапат на неколку книжевни разговори, читања и претставувања во рамките на програмата Литература од Југоисточна Европа, традиционално организирана од Традуки. На еден од најголемите настани таканаречената Балканска ноќ, со свое шоу ќе настапи и познатиотн македонски џез музичар Зоран Маџиров, со неговиот феноменален сет со шишиња.

Маџиров во еден дел од вечерта ќе настапи соло, а во вториот ќе импровизира во придружба на словенечкиот музичар Владо Креслин. Ова е втор настап на македонски музичари во рамките на саемот во Лајпциг, по успешниот настап на Баклава од пред две години.

Годинава, земји во фокус на саемот се Полска, Украина и Белорусија. Во чест на претстојното фудбалско првенство во Полска и Украина како неформална програма ќе се одржи турнир во фудбалчиња на маса. Писателите од дваесетина земји формираа екипи од двајца, а македонските бои ќе ги бранат Александар Прокопиев и Венко Андоновски.

Четврток:

Tема: Кусата проза? Особена форма, на која и престои иднина – или едноставно мрзеливост на авторите?

Српскиот драматург и автор на драмски и прозни текстови Ивана Димиќ, македонскиот рок музичар (член на некогашната српска култна група „Идоли“), професор по книжевност, поет и раскажувач Александар Прокопиев и словенечкиот алпинист и автор Тадеј Голоб разговараат за изборот на кусата проза како жанр: Дали како повеќекратно надарени луѓе не се доволно трпеливи за да пишуваат долги романи, или и тие ја сакаат кусата проза како и многумина читатели – и покрај недоволната подготвеност на издавачките куќи за нејзино објавување?

Читање и дискусија.

Време: Четврток, 15. 03. 2012 год., 13.00 – 14.00 часот
Место: Штандот на Традуки

Автори: Ивана Димиќ, Александар Прокопиев, Тадеј Голоб

Модератор: Ајлин Ригер

Толкувачи: Бенјамин Лангер, Хана Стојиќ, Андреј Ловшин

Организатори: Агенцијата за книги на Република Словенија (ЈАК), Министерството за култура на Република Македонија и издавачката куќа „Готен“,Традуки, Министерството за култура на Република Србија


Тема: Maкедонија помеѓу европската интеграција и националниот аутизам

Пред десет години се чинеше дека со Охридскиот Рамковен Договор Македонија ја преброде најтешката фаза од своето основање како држава. Набрзо потоа се здоби со статус на земја кандидат за влез во ЕУ. Но, оттогаш се чини како земјата да се губи во спорот за името со Грција и во реминесценцијата на националната големина. Водечки експерти од науката и медиумите дискутираат за иднината на балканската држава.

Д-р Хансјерг Бреј, директор на Друштвото на Југоисточна Европа, во разговор со издавачот Роберт Алаѓозовски и проф. д-р Кристијан Вос од Институтот за славистика на универзитетот „Хумболт“ од Берлин.

Време: Четврток, 15. 03. 2012 год., 15.00 – 16.00 часот

Место: Кафуле „Европа“, хала 4, штанд Е 401

Учесници: Роберт Алаѓозовски и Кристијан Вос

Модератор: Хансјерг Бреј

Толкувач: Бенјамин Лангер

Организатори: Друштвото на Југоисточна Европа, Работното друштво на библиотеките и местата за документација на истражувањето за Источна, Средноисточна и Југоисточна Европа (АБДОС), Традуки.

You May Also Like