На 19-то издание на Сараевскиот филмски фестивал, кој се одржува во период од 16-24 август, Македонија е присутна во официјалната селекција на фестивалот, во Сараево Талент Кампус, копродукцискиот маркет „Синелинк“ и на регионалниот форум.
На Сараевскиот филмски фестивал, кој е во тек, Македонија ќе биде присутна со филмови во официјалната селекција, со таленти во Сараево Талент Кампус, копродукцискиот маркет „Синелинк“ и регионалниот форум.
Филмови во официјална селекција
„Мама Европа“ во режија на Петра Селишкар
Официјална селекција на документарен филм
Прикажување на 19.08.2013 во 20:30 Multiplex Cinema City – Hall 1
„Алерик“ во режија на Вук Митевски
Официјална селекција на краток филм
Прикажување на 23.08.2013 во 14:00 часот во National Theatre
„Мама Европа“ е хумористичен филм базиран на личните искуства на авторот додека се соочува со границите на Шенген зоната. Филмот фрла поглед врз Европа низ очите на шестгодишното девојче Тера. Филмот е копродукција со словенија, хрватска и македонија, во режија на Петра Селишкар, и беше премиерно прикажан во јуни на Фестивалот за креативен документарен филмМакеДокс. Филмот е поддржан од страна на Филмскиот фонд на Република Македонија.
Краткометражната стоп анимација „Алерик“ својата светска премиера ќе ја има на овој фестивал и заедно со уште девет кратки филма ќе се бори за престижната награда „Срцето на Сараево“. „Алерик“ е македонско-германска копродукција во режија на Вук Митевски поддржан од страна на Филмскиот фонд на Република Македонија. Филмот ја раскажува приказната за Алерик, младо момче кое живее со својот дедо. Кога војната ќе ги стигне и ќе го разурне нивниот свет, Алерик останува сам и завршува на военото поле.
Сараево Талент Кампус
7-мото издание на Сараево Талент Кампус ќе се одржи од 18-24 Август, 2013 година, во склоп на 19-то издание на Сараевски филмски фестивал. Овој талент камус првпат се лансира од страна на Сараевскиот филмски фестивал во 2007 год. а е во соработка со Берлинскиот Филмски фестивал и Берлинскиот талент кампус.
Сараевскиот талент кампус се фокусира на сценаристи, режисери, актери, продуценти и филмски критичари од следниве земји: Албанија, Ерменија, Азербејџан, Босна и Херцеговина, Бугарија, Хрватска, Грузија, Грција, Унгарија, Косово, Македонија, Молдавија, Црна Гора, Романија, Србија, Словенија и Турција.
Оваа година на Сараево Талент Кампус се одбрани да учествуваат 4 таленти од Република Македонија, од вкупно 65 таленти учесници, и тоа:
– Марија Апчевска, режисер
– Елена Станишева, продуцент
– Ева Камчевска, сценарист
– Марија Илиевска Костова, актер
На учесниците ќе им биде понудена возбудлива програма исполнета со предавања, трибини, како и активни дебати надополнета со работилници, практични вежби и филмски проекции.
Темата која ќе биде понудена на учесниците на овој Талент Кампус е “Mind the Gab- Engage with Cinema“. Целта на оваа тема е да ги охраби филмските работници да ги истражуваат противречностите во рамките на гледање на филмот и истите да изнајдат начини за подобрување на нивната работа од аспект на љубопитната публика.
И оваа година Сараево Талент Кампус организира програма за тоа како е потребно да се подготви еден проект и пичинг на проектот (Pack & Pitch programme) со која програма режисерите и продуцентите ќе добијат шанса да имаат пичинг на својот проект (преставување на својот проект) во рамките на копродукцискиот маркет „Синелинк“
Копродукцискиот маркет „Синелинк“
Лабина Митевска со новиот филм „Апартман“ во режија на Теона Митевска ќе учествува на копродукцискиот маркет „Синелинк“ на Сараевскиот филмски фестивал. Филмот е одбран да биде дел од ко-продукцискиот маркет меѓу 16 одбрани проекти. На конкурсот биле пријавени вкупно 90 проекти од 18 земји од Југоисточна Европа.
Авторите и продуцентите на одбраните проекти ќе посетуваат подготвителна работилница за подобрување на сценаријата, за финансиските, правните и маркетиншки аспекти на проектот. Целта е да се обликува проектот за презентација. Со 60 отсто успешно реализирани проекти во изминатите 10 години, „Синелинк“ прерасна во една од најуспешните платформи за развој и за финансирање проекти во Европа.
Регионален форум
Во период од 22ри до 24ти Август во склоп на Сараево Филмски фестивал ќе се одржи регионален форум за прашањата за филмската индустрија во Југоисточна Европа. На форумот ќе учествуваат над 100 клучни професионалци од приватниот и јавниот сектор од 15 земји во регионот. Целта на овој форум е размена на искуства за клучните теми во филмската индустрија, видот на јавни политики и воспоставените системи и механизми за поддршка на филмската индустрија, како воспоставување на соработка меѓу нив.
На 24.08.2013 год. ќе биде одржана панел дискусија на која свое излагање ќе има директорот на Филмскиот фонд, Дарко Башески кои ќе го престави новиот закон за филмска дејност кој ќе стапи во сила од 01.01.2014 год. и погодностите кои истиот ќе ги нуди за странски продукции кои ќе снимаат на територијата на Р. Македонија како и за финансирање на ко-продукции со малцински македонски удел.