Македонија на Саемот на книгата во Москва

Македонија ќе учествува на еден од трите најпосетени саеми на книга во светот- Московскиот. Организатор на нашето претставување е Издавачката куќа „Македонска реч“. Саемот се одржува од 5 до 10 септември.

 

Македонскиот штанд е од 21 метар квадратен, а ќе биде уреден со препознатливи национални белези. Визуелната презентација на природните, културните и други убавини на Македонија преку 12 часовен визуелен видео материјал, со најубавите филмови за нашата земја, со избор од Кинотеката на Македонија.

„Македонска реч“ подготви посебно издание на руски јазик, во кое се претставени 10 македонски романи на 21 век. Десетте романи се претставени со извадоци и податоци за нив и за нивните автори, а содржи и воведен осврт за македонската литература од проф. д-р Науме Радически, а во превод на Олга Панкина.

Во изборот се вклучени осум романи за возрасни читатели и два за тинејџери – „Давесет и првиот“ на Томислав Османли, „Нишан“ на Блаже Миневски, „И чоек и пес“ на Владо Димовски, „Вештица“ на Венко Андоновски, „Скриена камера“ на Лидија Димковска, „Храпешко“ на Ермис Лафазановски, „Ервехе (книга за мајката)“ на Луан Старова, „Човекот што ги сакаше калинките“ на Душко Родев, како и „Сама“ на Горјан Петревски и „Прва љубов во Розевата улица“ на Натали Спасова.

„Македонска реч“ ја и објави книгата „Руските монаси во Македонија“ на игумен Никола (Трајковски) од манастирот „Св. Никола“ во Мариово. Преводот е на Елена Верижникова, која предава македонски јазик на Универзитетот Ломоносов во Москва.

Во Москва се однесени над 1.600 примероци одбрани книги од поновата издавачка продукција во Македонија и околку 4.000 примероци брошури и рекламен материјал.

Меѓународниот саем на книгата во Москва се вбројува меѓу осумте најголеми саеми на книгата во светот, а е најголем саем во Источна Европа и најголем саем во словенските земји. Спаѓа меѓу првите три саеми на книгата во светот според посетеноста.

You May Also Like