Македонија за прв пат на Саемот на книга во Гетеборг

На најголемиот саем на книгата во Шведска и во Скандинавија Република Македонија ќе биде претставена во организација на Македоника литера.

Goteborg-Book-Fair

Приоритетно место во претставувањето ќе имаат литературата и издаваштвото, но ќе бидат претставени и културното наследство, културната историја, културниот туризам и воопшто културата. За таа цел, меѓу другото, е организирано:

– Претставување на најквалитетната и најрепрезентативната понова издавачка продукција – како дела од уметничката литература, така и монографски, научни, историографски и друг вид научни дела со кои се презентира Македонија, а првенствено нејзините литературни и културни вредности и културното наследство;

– Претставување (изложување) на дела од македонската литература преведени на други јазици во последните години;

– Претставување (изложување) на дела од македонски автори преведени на шведски јазик и дела од шведската литература преведени на македонски јазик. По тој повод, на посебна средба на штандот, се поканети шведски автори чии дела се преведени на македонски јазик.

Промоции на понови изданија значајни за македонската литература и култура и изданија специјално подготвени за овој саем;

– Специјално за овој саем е отпечатена брошура на англиски јазик во која се претставени 20 современи македонски автори. Тоа е избор на македонски прозаисти кои се истакнуваат со својот творечки интензитет и квалитет во најновата македонска книжевна продукција, посебно во 21 век. Првенствено се застапени романсиери и при претставувањето предност имаа романите за кои се претпоставува дека би биле интересни и за читателите во светот. Застапени се активни и живи автори. На македонскиот штанд ќе гостуваат четворица автори чии дела би биле интересни за странски издавачи и агенти и кои ќе имаат можност за директни контакти со нив. Тоа се: Луан Старова, Венко Андоновски, Лидија Димковска и Ивица Челиковиќ;

– Печатен материјал за рекламирање конкурсот на Министерството за култура на Република Македонија за субвенционирање на странски издавачи за превод на квалитетни и репрезентативни дела од македонски автори;

– Рекламен материјал за културните и природните убавини и за културниот туризам на Република Македонија, со посебен акцент на географски карти кои ги презентираат културниот туризам и традициите на Македонија;

– Видеопрезентација (преку плазма екран) на културните и природните убавини на Македонија, која ќе трае континуирано за време на одржувањето на саемот (спотови и филмови за убавините на Македонија, туризмот и традициите…);

– „Македонско пладне“, кое ќе се одржи на 27.09.2014 (сабота) и ќе биде исполнето со промотивни средби и повеќе други активности;

Штандот ќе биде уреден во препознатлив амбиент со националните белези и традиции на Република Македонија.

Дел од книгите и непотрошениот рекламен материјал, по завршувањето на саемот, ќе му бидат подарени на Македонското друштво „Гоце Делчев“ во Гетеборг за збогатување на македонската библиотека, а дел на Градската библиотека на Гетеборг во која има одделение на книги на странски јазици, вклучувајќи го и македонскиот.

You May Also Like