На денешната неформалната средба со новинарите во Битола, во рамките на првото издание на „Битола Шекспир фестивал“, извршниот директор на познатиот театар „Глоуб“ од Лондон, Том Брд, го истакна своето задоволство што и Република Македонија стана дел од мрежата на шекспирови театри во светот.
– Одлична е идејата да се организира уште еден фестивал посветен на творештвото на Шекспир. Во еден мал град, со толку голем и квалитетен театар, како што е битолскиот, ова е одлична можност да се разменат искуствата од различни театри ширум светот. Програмата на „Битола Шекспир фестивал“ е многу квалитетна. Овде во Битола имаме одлична можност да се сретнеме, да поразговараме за значајни прашања во театарот. Се надевам дека овој квалитет во иднина ќе се надградува, рече Том Брд.
Тој уште еднаш го изрази своето задоволство од минатогодишниот настап на Битолскиот театар во Глоуб театарот во Лондон, со претставата „Хенри 6, трет дел“, која наиде на одличен одзив кај лондонската публика.
На програмата на Битола Шекспир фестивал вечерва е претставата „Хенри шести“ (прв дел) во изведба на Народниот театар од Белград, Србија, во режија на Никита Миливојевиќ, која со почеток во 21 часот ќе се одигра во Народниот театар во Битола.
На средбата со новинарите, актерот во насловната улога на Хенри 6, прв дел, Ненад Мариќиќ ја поздрави идејата што се организира фестивал на Шекспир во Македонија.
– Не знам дали граѓаните на Битола се свесни за тоа колку овој фестивал ги руши бариерите меѓу народите. Треба да му се заблагодариме на Шекспир што не зближува. Кога го сретнав синоќа актерот Петар Горко, го поздрави само со „Како си Хенри“ и тој ми одговори „Одлично Хенри“, затоа што и двајцата го толкуваме ликот на Хенри. До сега немав роднини во Македонија, а отсега ги има многу, рече главниот актер од претставата „Хенри шестти“, од Народниот театар од Белград.
Утревечер фестивалската програма продолжува со изведба на уникатната монодрама на претставата „Кралот Лир“, во изведба на познатата финска актерка Нина Салинен.