Во манастирот Сан Франческо во Италија, беше одржано македонското преставување во склоп на Giffoni Experience.
Фотографиите од Македонија, македонското вино, галичкото сирење и производите како ајвар, лутеница, малиџано како и разниот рекламен материјал ги привлече сите посетители на приемот, меѓу кои и Џулиано Гема, легендата на вестерн филмовите.
На Стадионот Giffoni Valle Piana Stadion Comunale “Troisi”, македонскиот бенд Фолтин имаше прекрасен настап со голем број на посетители кои имаа можност за прв пат да ја почувстуваат и да уживаат во прекрасната музика на бендот, кои преку песна и динамичен перформанс успеаја да ја разиграат публиката.
Вчера (24 јули), започна Фокусот на македонските кратки филмови:
„Бардо“ на Марија Апчевска,
„Девојчето со кибритчињата“ на Филип Матевски,
„Синот“ на Марко Ѓоковиќ,
„Образ“ на Стефан Сидовски и
„Жарче“ на Томислав Алексов
Потоа, Директорот на Филмскиот фонд, Дарко Башески и Директорката на Кинотека на РМ, Мими Ѓоргоска Илиевска, беа примени од страна на Паоло Русомандо, градоначалникот на Џифони. На средбата Паоло Русомандо го изрази задоволството во однос на воспоставената соработка со Филмскиот Фонд како и желбата размената на искуства помеѓу двете земји, односно преку институциите од областа на филмот да продолжи во иднина.
Градоначалникот напомена дека Giffoni Experience е можност за воспоставување на соработка помеѓу Општината Џифони и Градот Скопје кои како поддржувачи на фестивалот ќе имаат можност да разменат искуства како и да воспостават соработка во други области. Вооедно го најави своето доаѓање на фестивалот во Македонија каде за прв пат ќе има можност да се запознае со убавините на Македонија.