Градската библиотека „Браќа Миладиновци“ од Скопје на 11 февруари (вторник) 2014 година ќе организира Литературно мементо по повод 80 години од раѓањето на големиот српски поет Бранко Миљковиќ.
Настанот ќе се одржи во Спомен собата на Браќата Миладиновци со почеток во 12:00 часот. За делото на Миљковиќ ќе зборуваат проф. д-р Науме Радически, професор по српска книжевност на Филолошкиот факултет во Скопје и проф. д-р Горан Максимовиќ, декан на Филозовскиот факултет во Ниш и професор по српска книжевност. Посебно обраќање за Бранко Миљковиќ ќе има академик Радован Павловски. На книжевното пладне ќе присуствуваат и д-р Александар Цветковиќ, Началник на Нишавската управна област и Небојша Васиќ, директор на Градската библиотека „Стеван Сремац“ во Ниш.
______________________________
Бранко Миљковиќ е роден на 29 јануари 1934 година во Ниш. Детството го минува во Ниш, кадешто завршува основно и средно образование. Првата песна ја објавува во 1952 г. во белградското списание „Записи“ кога има 18 години. Во 1953 година заминува за Белград и се запишува на Филозовскиот факултет. Дипломира филозофиија во 1957 година.
Миљковиќ како автор припаѓал на т.н. група на неосимболисти, која во тогашните книжевни случувања ги соединувала поетите, кои во својата поезија го синтизирале целото поетско искуство на симболистите и надреалистите. Во 1955 година ги објавува своите први песни во белградското списание „Дело“. Уредник на списанието бил Оскар Давичо. По овие впечатливи и неодминливи песни започнува неговата блескавична и освојувачка поетска фаза. Ги објавува книгите: „Залудно ја будам“ (1956), „Со смртта против смртта“ (заедно со Блажо Шќепановиќ во 1959 година), „Потекло на надежта“ (1960), „Оган и ништо“(1960) и „Крв која свети“ (1961).
Тогашната книжевна критика многу бргу го вбројува Миљковиќ во самиот врв на српската поезија. Покрај поезија тој пишувал есеи и книжевни критики и преведувал руски и француски поети.
Неговата поезија ја карактеризираат мотиви и пориви кои произлегуваат од смртта, крајот, лудата храброст, мирисот на пепелта, но и од залудноста и потребата да се пишува поезија. Тој за песната вели- таа не се пишува, таа се живее и таа е резултат на умот а не на срцето. Се залагал за совршенството како најголем идеал на песната и бил убеден дека нема поезија без строга и одредена форма, со што искажувал одбојност кон тогашната традиционална субјективна лирика. Толкувачите на творештвото на Миљковиќ се согласуваат дека во неговата поезија доминира смртта со сите нејзини рефлексии, но исто така истакнуваат дека не постои поголема храброст од отворениот дијалог со смртта и играта со неа.
Во 1960 година, поетот, боемот и бунтовникот, Бранко Миљковиќ се почесто доаѓа до конфликтни ситуации со некои видни членови на партијата, но и со невидливите, и се судира со една непријатеска атмосфера. Слобдоумен и лудохрабар кон тогашните строги и опасни партиски правила (како млад го одбива членството во Комунистичката партија) Миљковиќ се сели од Белград во Загреб и таму станува уредник на Редакцијата за литература на Радио Загреб.
Бранко Миљковиќ трагично загинува во ноќта меѓу 11 и 12 февруари 1961 година. Го наоѓаат обесен во еден парк во Загреб. Околу неговата смрт и до ден денес постојат различни верзии и се плетат повеќе контоверзии околу тоа дали поетот се самоубил или е убиен.
Во врска со чинот на самоубиството како феномен, Бранко Миљковиќ во еден свој есеј за Мајаковски вели: „… Мајаковски не се уби во миговите на духовна криза. Него го уби изобилието на сопствената сила, која наликува на револверски истрел од внатре…“
Во контекстот на неговиот кус и бурен живот, како вонкнижевен дел од неговата фасцинантна поезија и секако како една ненужна, но сигнификантна митологизација за животот и крајот на „српскиот принц на поетите“, треба да го споменеме и ова:
Седумнасет денови пред смртта Бранко Миљковиќ прави храбар и дивовско поестски висок чин- изјавува дека се откажува од се што напишал до тогаш и од се што добил. Напишал- Сакам да се знае дека јас расчистив со се што сум начкртал за овие неколку години. Се откажувам од книгите и наградата (Октомбарската)….