Од денеска (понеделник,5 август) до 14 август 2013 година, 20 млади лидери (домашни и странски студенти) во Охрид ќе учествуваат на Меѓународната летна школа 2013 со наслов „Направи разлика-стани корпоративно општествено одговорен Европски лидер“.
Во градот под Самуиловата тврдина, Охрид, во пријатна атмосфера на Конгресниот центар на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, преку предавања, работилници и работа на проектни задачи зададени од страна на компаниите-поддржувачи на Школата, учесниците ќе ги развијат своите лидерски вештини на полето на корпоративната општествена одговорност.
Meѓународната летна школа 2013 како единствен настан од овој тип во Македонија е плод на успешната соработка меѓу Економски факултет-Скопје при Универзитетот „Св.Кирил и Методиј“во Скопје и АИЕСЕК Локален Комитет – Скопје. Традиционално веќе трета година по ред правиме разлика во Македонија и поставуваме пример како студентите заедно со Факултетот, со поддршка на корпоративно општествено одговорните компании од бизнис заедницата во тесна соработка со Општината Охрид може да создадат успешна приказна.
Летната школа првиот ден (5 август 2013) ќе започне со свечен настан кој ќе се одржи во просториите на Економскиот факултет-Скопје, Амфитеатар 3, со почеток во 11.00 часот, во чиишто рамки свое корпоративно претставување ќе имаат компаниите поддржувачи на Школата и тоа Адора Инженеринг, Тиквеш, Битолска Млекара и Капитал Медиа Гроуп. По завршување на настанот, сите учесници на Школата ќе се упатат кон Конгресниот центар во Охрид – локацијата каде ќе се одржи Школата.
Во првиот дел од агендата, учесниците ќе се се запознаат со концептот на корпоративна општествена одговорност, тргнувајќи од глобално ниво (тема: „Европската политиката на Европската унија за корпоративна општествена одговорност“ , гостин предавач г-динот Лукаш Мелка од Делегацијата на Европската унија во Република Македонија) кон локално ниво (тема: „Корпоративната општествена одговорност во Република Македонија“, гостин предавач проф. д-р Снежана Мојсовска Саламовска од Економскиот факултет-Прилеп при Универзитетот „Св. Климент Охридски“ во Битола). Понатаму, работната агенда на Школата предвидува поблизок пристап и третирање на темата „Корпоративната општествена одговорност и лидерството“ каде свој ангажман ќе имаат проф.д-р Бобек Шуклев и доц. д-р Леонид Наков од Економскиот факултет-Скопје при Универзитетот „Св.Кирил и Методиј“ во Скопје кои воедно ќе се осврнат и на „Методолошките аспекти на практичната анализа на корпоративната општествена одговорност“.
Во вториот дел од Агендата ќе се премине кон работа на случај („Промоција на туризмот-Случајот со град Охрид“, главни предавачи-модератори на оваа работа на случај ќе бидат доц. д-р Билјана Петревска и доц. д-р Сашо Коцески од Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип, а како гости предавачи во рамки на оваа активност ќе бидат г-динот Насер Хот од Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот на Република Македонија, г-динот Михаел Ристески од Асоцијацијата на туристички водичи на Македонија и претставник од Општината Охрид. Овој втор дел ќе продолжи со предавањето на г-дин Љубомир Гајдов, генерален секретар на Комората на консултанти и обучувачи на Р. Македонија на тема „Корпоративната општествена одговорност-предизвик за бизнис лидерите“, а истиот ќе се заокружи со презентација на предлог-проектот за решение за делумно апликативен софтверски модул за промоција на град Охрид изработен од страна на учесниците на Школата, а под водство и координација на невладината организација „Еднотера“-Скопје која истотака се јавува како поддржувач на Школата.
Третиот дел од Агендата предвидува работа на проектни задачи зададени од компаниите – поддржувачи на Школата (Адора Инженеринг, Тиквеш, Битолска Млекара и Капитал Медиа Гроуп), на кои учесниците на Школата ќе работат под координација на Александар Николов од Националното координативно тело за корпоративна општествена одговорност на Република Македонија, кој по воведното предавање на тема „Од менаџмент на ризик до одржлива конкурентност“ ќе продолжи со активен надзор, водство и менторирање на учесниците на Школата кои во 4 тима ќе работат на подготовка на решенија за зададените проектни задачи кои компаниите поддржувачи ќе можат да ги применат во пракса.
Агендата на Школата ќе се финализира со презентација на изработените проекти во рамки на свечена вечера на која истите ќе бидат оценувани од страна на компетентна комисија во чии рамки ќе членуваат претставници од компаниите-поддржувачи, претставник од тимот кој работи на организација на Школата и самите учесници на Школата. Овој настан ќе се одржи на 13 август 2013 година во Конгресниот центар во Охрид, со почеток во 19.00 часот. Тимот кој ќе победи ќе биде награден од компанијата за чиишто потреби ќе биде наменет проектот.
Официјалното затварање на Школата ќе се случи на 14 август 2013 година, во Конгресниот центар во Охрид, со почеток во 10.00 часот.