Студенти од САД, Канада, Швајцарија, Австралија и од Италија се дел од интернационалната археолошка теренска школа која веќе четврта година се одржува на локалитетот Стоби, во соработка со фондацијата „Балканско наследство“ од Стара Загора, Бугарија.
Годинашната школа, која почна на почетокот од август, а ќе трае до 1 септември, се одвива во две сесии од по 15 дена, во кои студентите имаат можност директно да бидат вклучени во ископување на терен и креирање теренска документација.
Студентите истражуваат во еден од објектите близу Порта Хераклеа, околу Полукружниот плоштад, кој по истражувањето ќе се подготвува за конзервација.
Во рамките на школата се вклучени и научни екскурзии во Охрид, Битола и во Штип, преку кои студентите ќе можат подобро да се запознаат со македонското културно наследство.
извор: Нова Македонија