Традиционалната културно-историска манифестација „Денови на Јустинијан Први“, во чест на византискиот император Јустинијан I, која годинава се одржува по шестти пат. Манифестацијата официјално се отвара утре (петок, 11 мај), со целовечерен концерт на црковно источно пеење, во рамките на традиционалните хорски средби во црквата Пресвета Богородица, со почеток во 20:00 часот.
Со манифестацијата се одбележува годишнината од раѓањето на Јустинијан I (11 мај, 483 година), кој потекнува од околината на Скопје (Таор) и на овие простори ја подига таинствената архиепископија „Јустинијана Прима“. Замислена како своевиден спој помеѓу античкото и модерното време, манифестацијата има за цел да ги заживее и пренесе историските и културните традиции од Јустинијановото во современо Скопје. Самиот факт што Јустинијан I, со својата личност ја симболизира идејата на Византија за обединета Европа, претставува основа за промовирањето на историските и културните традиции на Скопје и Македонија, и нивното значење за општоевропската култура и цивилизација.
Манифестацијата ќе започне на 11 мај (петок), Денот кога големиот римски император, последниот кој ги обединува западното и ист. Римско царство е роден во метропола.
Со почеток во 19:00 часот, ќе се одржи промоција на две книги издадени од Центарот за Византолошки студии од областа на византиската музичка традиција, „Опширен воскресник“ од Васил И. Бојаџиев, и „Ортографија на византиската музика“ од д-р Јане Коџабашија водена од проф. д-р Ристо Солунчев во просториите на црквата Пресвета Богородица.
Потоа следи целовечерениот концерт на црковно источно пеење, со хорови од цела Македонија во рамките на традиционалните хорски средби во црквата Пресвета Богородица, почеток, 20:00 часот, со воведна реч на Протопсалт Георгиј Секулоски.
На концертот ќе настапат следниве хорски ансамбли:
• Детски „Живко Чинго“ – с.Велгошти, Охрид; Диригент Оливера Петкоска
1. Тропар на Света Петка, глас 4
2. Стара византиска коледарска песна
3. Ангел Вопијаше, глас 1
• Детски Хор „Свети Георгиј Кратовски“ – Битола; Диригент Игор Гулевски
1. Свјатиј Боже – Н.Тулешков, глас 3
2. Христос Воскресе, глас 5
• Македонски Византиски Хор „Хармосини“ – Скопје; Хорархос Ристо Солунчев
1. Прва и осма Песна од Молебниот Канон на Пресв.Богородица (Мал параклис), глас 8 трифонос
2. Неделен причастен „Хвалите Господа“ – Св.Јован Кукузел, глас 5
3. Кратима – Хузмузиј Хартофилакс, глас 3
• Машки Хор „Калистрат Зографски“ – Струга; Диригент Димитри Кумбароски
1. Псалм „На Реках Вавилонских“ – о.Владимир Санџакоски, глас 1
2. Непорочни тропари – Петар Ламбадариј, глас 5 тетрафонос
• Машки Хор „Св.Нектариј “ – Битола; Диригент Игор Гулевски
1. Тропар на Свети Нектариј Битолски, глас 1
2. Непорочни тропари „Ангелскиј Собор“, глас 5
3. Евангелска стихира, глас 6
4. Достојно Ест – Григориј Протопсалт, глас 7
• Ансамбл Пелагонитиса – Прилеп; Протопсалт Георгиј Секулоски
1. Архиерејска Херувика (фрагменти) – Петар Ефески, глас 1
• Женски Хор „Свети Теофил Струмички“– Струмица; Диригент Зоран Мазнејков
1. Христос Воскресе
2. Тропар на Свети Петнаесет Тивериополски Свештеномаченици
3. Тропар на Свети Кирил и Методиј
4. Тропар на Свети Григориј Палама
5. Тропар на Свети Димитриј Солунски
• Женски Хор „Света Макрина“ – Битола; Диригент Мери Цекуткова
1. Тропар на Св.Макрина – И.Гулевски, глас 8
2. Задостојник на Цветници, глас 4
3. 22 Псалм – ман. Симонопетра, глас 4
4. Причасник „Око сердца моего“ – И.Гулевски, глас 8
• Женски младински Хор при МКЦ – Скопје; Диригент Сашо Татарчевски
1. Тројно Господи помилуј – источен напев при ракополагање, гл.2
2. Тодор Скаловски – Помјанух пророка
3. Драган Шуплевски – Тропар
4. Тодор Скаловски – Величание Кирилу и Методију
• Мешан Хор при храм Рождество на Пресв. Богородица – Скопје; Диригент Андреј Наунов
Првото издание од 2010 година е „Ортографија со основна теорија на Византиската музика“ од д-р Јане Коџабашија. Трудот претставува синтеза на сите досегашни истражувања на професорот Коџабашија во областа на теоријата и практиката на црковното пеење од византиската традиција. Трудот е составен од два комплементарни делови: првиот е воведен и во него е изложена основната Теорија на црковното пеење. Во овој дел мошне синтетично и пристапно се прикажани сите карактеристики и својства на византискиот музички систем и неговата нотација. Вториот дел од оваа книга носи наслов Ортографија на византиската музика. Во овој дел авторот ги синтетизира искуствата на сите македонски автори и композитори од црковната традиција околу природата на византиската нотација, во една збиена компаративна анализа со современи теоретичари од Грција, Романија и Бугарија. Ортографијата расправа за правилата на пишување, читање и комбинирање на музичките знаци.
Второто издание е од 2011 година Опширен Псалтикиски Воскресник од Васил Иванов Бојаџиев (1876-1950). Делото е прво издание на пронајдениот ракопис од овој македонски автор и музичар-псалт, и оттаму претставува исклучителен придонес кон историјата на македонската музика воопшто. Редакцијата и нотографијата се на д-р Јане Коџабашија, а од Коџабашија на почетокот имате и воведен текст во кој се дадени сите клучни моменти од животот и делото на овој наш автор од Кратово. Ова дело во многу нешта претставува авторско херменевтичко исчитување на сета византиска традиција, и нејзино фузионирање со музичките искуства на автори од Македонија како Манасиј Поптеодоров, отец Калистрат Зографски, Димитриј Градоборски, Јоан Хармосин-Охридски и други. Во него има композиции од македонските автори кои овде за првпат се објавуваат.
И двете дела имаат исклучително значење за современата музичка култура во Македонија, и тоа не само за онаа номинално црковна. Ја подаваат и теоријата и праксата на македонската византиска музичка традиција, а и не обврзуваат таа традиција да ја сториме жива во сите облици на нашето музичко творештво.
____________________________________________
Владеењето на Јустинијан I (527-565г.) го означува најголемиот подем на Византиската Империја. Со триумфалните освојувања на Италија, јужна Шпанија и северна африка, Јустинијан I, ја реализира сопствената идеја за реставрација и обединување на некогашната Римска Империја. Како ревносен христијанин, со цврста решителност работи на воспоставување на доминација на христијанството и на создавање единство меѓу христијанските цркви. Со силна визија и интелект, ќе изврши кодификација на Римското право, поставувајќи ги со тоа основите на европското право. Со голема страст, развива грандиозна градежна дејност, незапаметена во историјата на Византија. 600-те одбранбени утврдувања на Балканот, претставуваат само дел од неговите градителски проекти.
Неговото родно место „Таурисиум“, во околината на Скопје, го воздигнува во „величенствен и многунаселен град“, кој го нарекува Јустинијана Прима, промовираќи го во архиепископија „благословена во секој поглед“. Монументалната црква „Света Софија“ во Истанбул, претставува ненадминлив споменик на византиската уметност и архитектра, која го персонифицира Јустинијановиот дух за христијанска обнова. Јустинијан I е препознатлив и преку бракот со влијателната императорка Теодора, кој се вбројува меѓу најголемите и најконтраверзни романси во историјата на Византија. Дури и смртта на Јустинијан I, на 14 ноември 565 година, од современиците е опишана како „величенствена, која јасно демонстрирала дека тој го освоил светот“.