Културна меморија: Меѓународна конференција во Скопје

КУЛТУРНА МЕМОРИЈА: Меѓународна конференција од 5 до 7 септември во Скопје. Околу 370 учесници од 48 земји ќе дискутираат на темата „Културна меморија“ во контекст на просторот, идентитетот, културните практики, медиумите и уметноста.

book_at_sky (copy)Центарот за култура и културолошки студии (ЦККС), што беше формиран минатата година, организира Прва меѓународна годишна конференција „Културна меморија“, што ќе се одржува од петти до седми септември во Скопје. Организаторот најави околу 370 учесници од 48 земји – универзитетски професори, научници и докторанди, а од нив педесетина се од Македонија.

Во три дена научна дебата, учесниците ќе дискутираат на темата „Културна меморија“ во контекст на просторот, идентитетот, културните практики, медиумите и уметноста.

Претседателот и потпретседателот на ЦККС, Лорета Георгиевска-Јаковлева и Мишел Павловски, на средба со новинарите посочија дека целта е учесниците да дебатираат за културната меморија од индивидуален и од општествен аспект, со разновидноста на сопствените перцепции и со тоа да придонесат за нејзино различно, поинакво видување, позиционирање и поимање.

Покрај официјалната програма, што ќе опфати повеќе научни панели, за странските учесници на конференцијата ќе има и оф-програма во која тие ќе можат да го видат македонското културно наследство, со посета на Охрид, Матка и Старата скопска чаршија.

Центарот за култура и културолошки студии има мисија да ги обедини сите креативци во Македонија и да развие меѓународна соработка со вмрежување и поврзување со установи од културата надвор од земјава.

Како проект на ЦККС е развиена Балканска мрежа за култура и културолошки студии, основана од неколку истражувачи од балканските земји, со цел Балканот да се вклучи во европски и светски организации.

Центарот, во соработка со книгоиздателството МИ-АН, го објавува списанието „Култура/Culture“, што има меѓународен издавачки одбор и излегува на англиски јазик.

You May Also Like