На 28-ми август (среда) 2013 година, со почеток во 17:30 часот ќе се одржи шеснаесеттата по ред Критична маса во Скопје. Возење на велосипеди во поголема група.
*Критична маса #16: Локално разладување против глобално затоплување*
Оваа критична маса е посветена на глобалното затоплување, проблем со кој се соочува целата планета. Возењето велосипед обезбедува прилично брз и сигурен начин на транспорт за кој нема потреба од согорување на горива.
Наместо да се користат моторни возила, со возење велосипед истовремено се заштедуваат финансии, се подобрува здравјето и се помага во намалување на глобалното затоплување. Дополнително, се поставува позитивен пример за другите.
Возењето велосипед во урбаните средини директно и индиректно влијае на намалување на глобалното затоплување. Се намалуваат издувните гасови, не се согоруваат фосилни горива при користењето со што се редуцира CO2 во воздухот. За велосипеди и велосипедска инфраструктура во споредба со другите превозни средства се трошат помалку енергија и ресурси и помалку се загадува при производство, трговија, изведба, користење и одржување. Велосипедските патеки и паркинзи зафаќаат помалку место и оставаат повеќе простор за “дивина”, повеќе сенки и кислород за природна климатизација, помалку загревање на улици на сметка на вештачко ладење.
Секојдневните патувања на најголем дел од граѓаните во Скопје се кратки релации и тука постои огромен потенцијал за користење на велосипедот како превозно средство.
Повеќе за проблемот: http://0.mk/km16blog
Собирот на велосипедистите на оваа 16та Критична маса ќе биде пред паркот за кучиња во Градски парк (кај Хавана) во 17:30 часот. Овојпат ќе се поврзат два паркови по булевари по кои треба да има велосипедски патеки и дрвореди. Рутата ќе заврши со подигнување на велосипедите на платото пред општина Сарај, а дружењето во форма на пикник ќе продолжи во паркот.