Критички осврт со одлични оценки за поезијата на Јовица Тасевски-Етернијан, беше објавен неодамна во реномираното индиско списание „Болоџи“.
На почетокот на освртот, д-р Шаменаз Шеик, доктор на науки по англиска книжевност од Универзитетот на Алахабад, го истакнува фактот дека поезијата на Етернијан е призната на меѓународно ниво заради неговиот поетски гениј и дека е вреднувана со наградата „Восхитувачки поет“ за исклучителен придонес во современата поезија.
Понатаму во текстот, авторката нагласува дека песните на Етернијан се исклучително мистични, исполнети со метафизичка симболика и со митолошки и библиски мотиви, воспоставуваат интертекстуални релации на имплицитен и експлицитен начин и дека имаат слични карактеристики како поетските остварувања на великаните на англиската книжевност, Џон Милтон и Т. С. Елиот, чија поезија исто така е мистична и филозофска. Освен ова, д-р Шаменаз Шеик наведува дека во поезијата на Етернијан се присутни впечатливи трансцендентални слики и дека нејзината спиритуална и митска страна се целосно слеани.
На крајот на освртот, авторката заклучува дека пристапот на Јовица Тасевски-Етернијан кон пишувањето поезија е многу креативен, сложен, интелектуален и духовен, како и дека во неговите песни може да се најдат длабочина и целосност какви што ретко се сретнуваат денес и затоа неговата книга со избрани песни преведени на англиски јазик претставува вистински подарок за сите читатели од англиското јазично подрачје.
Јовица Тасевски-Етернијан е автор на шест поетски и две критичко-есеистички книги. Неговата поезија е преведена на петнаесетина јазици и објавена е во списанија и антологии во над дваесет држави.
Објавениот критички осврт може да се прочита на следниов линк.
Повеќе информации за авторката може да се прочитаат на следниот линк.