Една од верзиите на сликата „Крик“, на норвешкиот сликар Едвард Мунк, преку аукциската куќа Сотби во Њујорк беше продадена за 119,92 милиони долари и стана најскапо дело продадено на аукција. Истото се вброи како петта најскапа слика продадена на аукција или преку приватна спогодба.
Биле потребни само 12 минути за да се продаде делото, а цената понекогаш скокала и за 10 милиони долари во минута. Сликата била проценета на 80 милиони долари, а седуммина лицитирале. Овој пастел е насликан во 1895 година, и е еден од четирите верзии на истото дело што се наоѓаат во приватна сопственост. Проценителот Тобијас Мајер по крајот на продажбата проследен со огромен аплауз соопштил дека со висината на цената е поставен нов светски рекорд.
Експресионистот Мунк во периодот од 1893 – 1910 година насликал четири верзии на оваа слика, која стана симбол за анксиозноста на модерниот човек.
Оваа верзија цели 70 години била во сопственост на семејството на норвешкиот бизнисмен Петер Олсен. Неговиот татко бил комшија на Мунк, а подоцна и негов мецена. Сликата што се продаде на аукцијата во Сотби е единствената со оригиналната рамка од свело дрво и со стиховите испишани со црвена боја (Осетив нагон на меланхолија – Застанав / Вкочанет, смртно уморен) кои беа инспирација за една од најпознатите слики во светот.
Досегашниот рекорд го држеше делото на Пикасо „Акт, зелени листови и биста“ која пред две години во аукциската куќа Кристис се продаде за 106,4 милиони долари. Рекордот за најскапо уметничко дело на светот го држи делото „Играчи на карти“ на Сезан, кое минатата година се продаде за 250 милиони долари во приватна спогодба.