На 23 август 2013 година (петок) Општина Крива Паланка во соработка со организациониот одбор на JOY FEST, во рамките на манифестацијата “Крива Паланка град на културата за 2013” организира рок фестивал „JOY FEST“. Целиот настан ќе биде заокружен со настапот на популарниот Бајага и неговиот бенд Инстриктори.
Учесници на Joy fest 2013:
Epten -алтернативен рок бенд од Куманово познат по својот голем хит ,,Ти ми зеде се“, во соработка со Бени.
Foolish Green-музички бенд кој ни доаѓа од Скопје да го промовира својот нов албум наречен ,,Escape“ , предводен од нивниот фронтмен Ненад Стефановски.
Concuering Lion – даб/реге/хардкор бенд од Тетово. До сега покрај настапiте низ Македонија, бендот има настапувано во Германија, Словенија, Хрватска, Босна и Херцеговина, Србија, Бугарија, Грција, Романија и Косово. Concuering Lion има настапувано со големи реге имиња, како на пример Gentleman и мн. други.
Smoke shakers – инди рок бенд од Кавадарци. Пред JOY FEST, Smoke shakers ќе има настап на престижниот Jelen Demofest во Бања Лука каде што од пријавените 420 бендови од сите балкански држави, имаат влезено во потесниот круг од 34 бенда. Таму ќе настапат со големите имиња како Партибрејкерс, Суперхикс, Кирил Џајковски и др.
Станува збор за млади македонски бендови во подем, кои полека грабат кон врвот на макдонската музичка сцена. Тоа е и примарна цел на JOY FEST, промовирање и афирмирање на македонската рок музика.
Годинава JOY FEST го реализира своето второ издание. Минатата година, вистински рок спектакл приредија учесниците на премиерното издание на рок фестивалот „JOY FEST“, кој се одржа на главната градска улица во Крива Паланка, во предвечерието на големиот верски празник Голема Богородица и во чест општинскиот празник, посветен на патронот и заштитник на градот „Свети Јоаким Осоговски“.
Во одлична атмосфера и со извонреден настап на повеќе локални и македонски ѕвезди, кривопаланчани се забавуваа, играа и пееја цели 6 часа, а сите беа презадоволни и ја поздравија иницијативата за оживување на рок сцената во градот.
Младата генерација уживаше во настапот на првиот македонски идол Иван Раденов, кој направи одлична атмосфера со својот бенд Аквариус, како и симпатичните Некстајм. Рок спектакалот доживеа кулминација со настапот на извонредниот Бени и Нон Стоп, а во текот на концертот запеа и популарниот актер Гораст Цветковски, кој беше водител на минатогодишниот „JOY FEST“.