„Коси од розева волница“ победи на конкурсот за најдобар расказ „Живко Чинго“

„Коси од розева волница“ е годинешниот победник на конкурсот за најдобар расказ „Живко Чинго“ …

books

„Коси од розева волница“ на авторот под шифра „Солза“ е победник на годинешниот конурс за најдобар расказ што традиционално се доделува во знак на сеќавање на ликот и делото на познатиот охридски прозаист и драмски писател Живко Чинго. Според тричленото стручно жири што ги прегледуваше и оценуваше пристигнатите раскази, расказот „Коси од розева волница“ се издвоил од останатите трудови, како содржински, така и според високите естетски вредности и композициската структура.

Ирена Бачиќ, претседател на жирото во кое уште членуваа Милчо Јованоски и Тоде Илиески, истакна дека наградениот расказ во себе носи досега ретко обработувана тема, прикажувајќи спој меѓу реалниот и натприродниот свет.

– Нарацијата е лесна, без оптоварување со непотребни описи и дијалози, јазикот е лесно приемчив, а речениците во текстот се композициски изградени до совршенство, што се заедно придонесува расказот да се восприема во еден здив, рече Бачиќ.

На распишаниот конкурс со право на учество се стекнале вкупно 58 раскази, од кои пет се издвоени како трудови со високи квалитети, а во потесниот избор за наградата уште влегле и расказите „Охридски крап“ под шифра „Ивана“ и „Бавча со зелени патлиџани“ под шифра „Бајазит“.

Жирито ги потврди високите вредности на трите раскази, но едногласна била одлуката наградата „Живко Чинго 2014“ да му припадне токму на „Коси од розева волница“.

Наградата во вредност од 30 илјади денари што ја доделува Општина Охрид на авторот ќе му биде доделена на Манифестацијата „Вечери на Живко Чинго“ што секоја година традиционално на 13 август се одржува во Велгошти, родното село на Чинго.

You May Also Like