Концерт по повод 80 години од раѓањето на Томислав Зографски

Денеска (28 март, петок) во Концертната сала на Факултетот за музичка уметност – Скопје во 19:00 часот, ќе се одржи авторскиот концерт на Томислав Зографски (1934-2000), по повод 80 години од неговото раѓање.

zografski_koncert_avtorska_muzika

Томислав Зографски е еден од најистакнатите македонски композитори чијшто обемен и разновиден творечки опус со дела од речиси сите жанрови, вклучително и монументалните симфониски и ораторијални остварувања, претставува непроценлив влог во ризницата на македонската музичка култура. Томислав Зографски беше долгогодишен професор по композиција и теориски предмети на Факултетот за музичка уметност – Скопје во чијашто класа дипломирале голем број македонски композитори кои што се денес меѓународно афирмирани. Томислав Зографски бил Претседател на Сојузот на композиторите на Македонија и е добитник на повеќе државни и стручни награди меѓу кои Државната награда „11 Октомври“ и наградата на СОКОМ „Трајко Прокопиев“. На програмата на концертот се дела на Томислав Зографски – од најраните до подоцнежните опуси, со што ќе се претстават различните страни од неговиот творечки лик.

– Со овој концерт во чест на професорот Томислав Зографски, Факултетот за музичка уметност го дава својот придонес за прославувањето на 80-годишниот јубилеј на овој голем македонски композитор и педагог – прославување кое веќе почна да се одвива и во кое се предвидени повеќе активности кои ги координира Фондацијата „Томислав Зографски“. Воедно, овој концерт е дел од специјалниот концертен циклус на Факултетот за музичка уметност – Скопје кој се одвива повеќе години и носи наслов „Од страниците на творештвото на…“, а им е посветен на истакнатите композитори – професори на ФМУ. На концертот во чест на Томислав Зографски учествуваат голем број студенти од сите изведувачки катедри, а ќе настапи и нашиот добро познат оркестар „Солисти на ФМУ“ кој го раководи проф. Велко Тодевски. За младите изведувачи е вистински предизвик да ја интерпретираат музиката на македонските композитори и музиката на Томислав Зографски, да се запознаат со неговиот стил и израз, да ги допрат длабочините на неговите идеи… Голем придонес во тоа даваат професорите и уметничките соработници на ФМУ – Скопје, пренесувајќи ги своите искуства на студентите – вели Деканот на ФМУ – Скопје проф. м-р Гордана Јосифова-Неделковска.

You May Also Like