Концерт на македонски уметници на Охридско лето

Денеска (четврток, 18 јули) во црквата Света Софија со концерт на македонски уметници ќе се одбележат 70 години од раѓањето на Ристо Аврамовски.

 

ohridsko-letoСелекторот на музичката програма на Охридско лето Гордана Јосифова Неделковска вели дека Фестивалот Охридско лето со години наназад е со достојна почит кон македонските композитори кои што одбележуваат јубилеи.

Фестивалот Охридско лето во своите програми вклучува уметници од светски ранг, македонски уметници но секогаш посебно значаен концепт во концепирањето на програмата е вклучувањето на дела од македонски композитори. Многупати досега сме имале можност да чуеме изведби на странски оркестри, ансамбли, солисти кои што ги изведуваат делата на нашите македонски композитори. Некои од нив, ставајќи ги овие дела во својот репертоар, продолжуваат со изведбата на овие дела ширум светот, вели Јосифова Неделковска. Според музичкиот селектор, Аврамоски е човекот кој исто така има оставено и големи траги во самиот фестивал.

На концертот ќе учествуваат: Весна Гиновска-Илкова- сопран, Тодор Светиев-пијано, Славица Галиќ-Петровска-сопран, Валери Стефановски- пијано, Јасна Аврамовска, дувачки квинтет „Арт“.

———————-
Академик Ристо Аврамовски (1943-2007) е истакнат македонски композитор, музички деец и публицист. Неговото творештво е обемно и разновидно: солистички и камерни дела за инструменти и глас, симфониска, вокално-инструментална и хорска музика, балети и опери. Во неговиот значаен опус кој брои над стотина наслови се осум симфонии, концерти за виолина и оркестар, концерти за пијано и оркестар, симфониските дела „Психофонија”, „Библиофонија”, „Канон”, „Еволуција”, а меѓу камерните дела се издвојуваат Сонатата за две пијана, вокалниот циклус „Тишина”, „Три исповедни молитви” за пијано и глас, Гудачкиот квартет бр.2. („Берлински”), вокално-инструменталниот циклус „Азбуки”, кантатата „Егзодус”, Сонатата за виолина и пијано, како и оперите „Болен Дојчин” и „Лидија од Македонија”. Композициите на Аврамовски се изведувани на концертните и фестивалските подиуми во Македонија и ширум светот. Снимките на музиката на Аврамовски се наоѓаат на албум од 6 ЛП плочи и на 10 компакт дискови, а издадени се над 50 самостојни партитури и албуми со неговите дела во земјава и во странство. За својот долгогодишен придонес во македонската музичка култура Аврамовски е добитник на голем број домашни и меѓународни стручни и општествени награди и признанија, меѓу кои наградата „11 Октомври” за животно дело и Орден за заслуги.

You May Also Like