Вечер (25 јули, четврток) во црквата Света Софија во 21:00 часот концерт ќе одржат италијанските музичари Доменико дел Гиудиче – гитарист и Џани Иорио кој свири банденеон. На програмата се дела од Пјацоа и Пухол. Концертот е дел од Охридско лето 2013.
Доменико дел Гиудиче е италијански гитарист познат по својата природна интерпретација, нагласена изразност, чувство за стил. Покрај студиите по гитара, тој стекнал образование на полето на раната музика и инструментите од тој период во Шпанија, Италија и Франција. Во својата изведувачка кариера дел Гуидиче има настапувано во повеќе европски земји, како и Канада, САД, Мексика, Аргентина. Неговиот репертоар опфаќа најразлични стилови – од Ренесансата до џезот – кои можат да се сретнат на еден ист концерт, донесувајќи богатство на звукот и идеите, а ги вклучува и најпознатите концерти за гитара од Родриго, Вила Лобос, Такемицу, Пјацола и др. Гитаристот често пати остварува премиерни изведби, а настапува и во соработка со водечките солисти и ансамбли. Де Гуидиче редовно учествува на престижните фестивали, вклучително и голем број фестивали за гитара. Тој често е покануван да предава на влијателните музички институции. Остварил повеќе снимки за радио во Италија и надвор. Поседува голема збирка гитари од различни периоди кои ги користи за автентичноста на звучењето.
Џани Иорио уште за време на своето школување како пијанист има освоено награди на бројни национални и меѓународни натпревари. Тогаш почнуваат и неговите интензивни концертни активности во Италија и европските културни центри. Во меѓувреме Лорио активно посетува мастер класи и семинари за своето стручно усовршување. Покрај пијано, Лорио е познат како одличен изведувач на бандoнеон вброен во првите три во Европа. Тој настапува на концертните и фестивалските подиуми, како и во фолк и џез клубовите, а има остварено повеќе снимки за радио и телевезиските куќи во Европа. Лорио соработува со познатите изведувачи – музичари и актери, како и со поп музичарите и автори на текстовите. Тој настапува и со водечките италијански оркестри и диригенти, а и самиот е директор на големиот ансамбл Orchestra Tipica Bandoneon Tango “Аlfredo Мarcucci”.