Фондот на холокаустот на Евреите од Македонија во рамки на 40 – дневниот фестивал на ликовни, музички, драмски и филмски презентации „Скопско лето“ ќе се претстави со концертот на еврејски ора и песни во изведба на „Фолклорниот ансамбл Ерусалим“ од Израел на 27 јули 2013 година со почеток во 20:30 часот на платото пред Меморијалниот центар на холокаустот на Евреите од Македонија.
Овој фолклорен ансамбл ќе настапи и на фестивалот на народни песни и игри „Илинденски денови“ во Битола, како и на еврејската вечер во рамки на манифестацијата „Десет дена Крушевска Република“ во Крушево, која ќе се одржи на 03 август 2013 година.
Фолклорниот ансамбл Ерусалим е формиран во 1956 година од страна на студенти на Еврејскиот Универзитет во Ерусалим. За кратко време овој ансамбал станува еден од водечките фолклорни групи во Израел.
Нивната програма се состои од ора, песни и мелодии од Израел и еврејскиот фолклор. Нивните настапи се одликуваат со етнички фолклор на еврејските заедници од Јемен, Персија, Турција, Северна Африка, Балканот, Романија, Полска и Русија. Исто така, се одликува и со посебни кореографии од Средниот Исток.
Оваа фолклорна група има настапувано на многу фестивали во Азија, Африка, Европа и Америка и има добиено многу интернационални награди и медаљи.