Денеска и утре (3 и 4 октомври 2012) година во ЕУ Инфо Центарот во Скопје, Центарот за регионални истражувања и соработка Студиорум организира Меѓународна конференција насловена „Националните институции за човекови права и промоцијата и заштитата на Човековите права во Македонија и Западниот Балкан.”
Свеченото отворање на конференцијата е на 3ти октомври во 14.00 часот, со сесија на која ќе учествуваат Иџет Мемети, Народен правобранител на Република Македонија, Сами Куртеши, Народен правобранител на Република Косово, како и Алмедина Кариќ, советничка на Народната правобранителка на Босна и Херцеговина. Во останатите сесии ќе учествуваат експерти/ки и претставници/чки на институции, граѓански организации и тинк тенкови од Република Македонија и од Западниот Балкан.
Генералната цел на конференцијата е да служи како платформа за претставниците и претставничките од регионалните и европските Национални институции за човекови права (НИЧП), државните институции, како и истражувачи/ки и практичари/ки. Предмет на дискусија ќе бидат состојбите и предизвиците поврзани со човековите права и институционалните модели на НИЧП, со фокус на НИЧП во регионот, и посебно во Македонија. Учесниците ќе се фокусираат на најефективниот модел во случајот на Македонија, а следејќи ги Париските принципи.
Конференцијата се организира во рамките на проектот “Решавање на институционална сложувалка: Каков модел на Национална институција за Човекови права за Македонија” со финансиска поддршка од Националната фондација за демократија од САД, чија цел е да се донесат препораки за применети политики, базирани на докази, кон процесот на креирање на модел за НИЧП во Македонија во согласност со меѓународните стандарди и најдобри практики, како и политичките и социо-економските карактеристики на земјата, а со цел добивање на акредитација со “А” статус.