Во тек се конзерваторско-реставраторски работи на покривната конструкција на манастирот „Св. Леонтиј“ во с. Водоча, проект предвиден во Програмата за заштита на културното наследство на Министерството за култура.
Според предвидената динамика на реализација, планирано е проектот да се одвива до крајот на годинава, со што ќе се финализираат работите околу санирањето на покривот, во делот на јужниот трем, до спојот со црквата. Истовремено, ќе биде реализирана и непосредната заштита на покривната конструкција на западниот трем, со замена на оштетените дрвени греди, како и прередување на покривниот покривач.
Со оглед на значењето на овој споменик на културата, Министерството за култура, преку Заводот за заштита на спомениците на културата и музеј – Струмица, во континуитет финансира проекти кои се однесуваат на непосредната заштита на сегменти од цркавата. Во изминатиот период беа направени конзераваторски истражувања кои ја утврдија потребата од санација и консолидација на покривот на објектот.
Манастирскиот комплекс Водочки цркви се наоѓа на 4 километри северозападно од Струмица, на падините од планината Еленица, во близина на реката Водочница. Комплексот цркви го сочинуваат сакрални објекти со неколку одделни фази на изградба, при што се дефинирани четири сакрални објекти: ранохристијанска базилика, Источна, Западна и Средна водочка црква. Како епископско седиште, комплексот се спомнува во повелбите на Василиј II. Датирањето на Водочките цркви е од VI до XIV век, додека новоизградените објекти: конаците, параклисот, од крајот на XX век.