Во издание на „Нота” – Књажевац деновиве во Србија беше издадена книгата „Истражувачки методологии, аплицирани во музикологијата“ на проф. д-р Димитрије Бужаровски.
Овој најнов теориски труд на д-р Бужаровски прави пресек на современите истражувачки методологии, со акцент на квантитативните методи. Како што кажува и авторот во воведот на овој труд, неговата цел е на концизен начин да го претстави истражувачкиот процес од ескплораторната фаза и поставувањето на хипотезите, до нивното прифаќање, или одбивање и пишувањето на завршниот труд.
Соодветно, најголемиот дел од оваа книга е посветен на различните истражувачки техники, имајќи го предвид недостатокот на ваквата литература во пошироките Балкански простори, особено во подрачјето на општествените и хуманистичките дисциплини. Иако сите примери во трудот се од подрачјето на музичката уметност, тој има многу поширока примена, посебно во подготовката на истражувачките проекти кои се користат при изработката на магистерски и докторски дисертации од различните научни области.
Дијаграмите, табелите, графиконите, техничкото уредување на текстот и индексот ги изработи доц. д-р Трена Јорданоска. Извадоци од книгата може да се најдат на страницата на BuzAr: http://mmc.edu.mk (Архив Бужаровски), a промоцијата е закажана во просториите на Факултетот за уметности во Ниш на 7 март оваа година.