Книга за поезијата на Славе Ѓорго Димовски

Друштвото за издавачка дејност „Македонска реч“ од Скопје неодамна ја објави книгата на Кристина Николовска „Поезија – небо“, која е есеистичко-аналитичен труд посветен на поезијата на Славе Ѓорго Димоски.

Книгата се јавува како резултат на долгогодишното проучување и следење на Николовска на поезијата на овој македонски автор. Како што најавува авторката во воведната белешка, книгата „е дом на разговори со поетот, но и: студии, поетизирани есеи, критики, рецензии и анализи, воскренати од творечкото поетско небо“, односно дека „целата книга е можен разговор со поезијата“.

Книгата на Кристина Никиоловска содржи пет „нивоа“, насловени како „Разговорница“ (разговор со поетот, каде тој раскошно се отвора за најсуптилните поетички прашања), „Поезија-небо“, „Осветлувања“, „Растолкувања“ и „Песни-океaни“.

Вака заокружена книгата „Поезија небо“ на Николовска, не претставува само есеистичка книга, туку своевиден монографски портрет на еден македонски автор, што претставува ново творечко искуство кај нас.

Систематската долгогодишна научна посветеност на Кристина Николовска на поезијата на Славе Ѓорго Димоски веќе резултира со авторски опус инспириран од неговото творештво. Покрај „заднинскиот“ научен однос кон неговата поезија, дискурсот на Николовска е поетизиран, до степен на дијалогичност со поезијата која ја анализира, но од друга страна е високо комуникативен со пошироката публика, поради откривање на поетовите „рецепти“ за создавање на дело, за откривање на  неговите аксиолошки и филозофски системи, особено во интервјуата-есеи. Затоа делото им припаѓа на две области: во литературната есеистика, но и на културологијата, бидејќи е комуникативно со пошироката публика пред која се отворени поетските размисли за поезијата и уметноста и се откриваат тајните за создавањето и текот на творечките процеси.

Кристина Николовска (1969, Скопје) е писател, универзитетски професор, теоретичар на литература, литературен критичар, есеист, поет, антологичар, експерт за креативна култура во односи со јавност, менаџер на кампањи.

Дипломирала, магистрирала и докторирала на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“. Живее во Скопје и работи на Филолошкиот факултет како вонреден професор по Теорија на литература, а ги предава и по предметите: Реторика и стилистика, Реторика во односи со јавност, Семиологија и херменевтика, Семиологија во односи со јавност, Матафорика, Методологија на книжевно-теориски проучувања. Ги преда¬ва¬ла и предметите: Основни теориски поими, Теорија на жанри. Била визитинг-професор во Брисел (Белгија, 2004) и во Марибор (Словенија, 2005). Предавала и на универзитетот „Гоце Дел¬чев“ во Штип (2009 – 2010).

Член е на Друштвото на писателите на Македонија од 1992, каде од 2004-2006 била секретар за меѓународна соработка.
Автор е на ТВ-серијалот „Разговорница“ (2007), филозофски разговори со врвни македонски уметници.
Од 2009 година па до денес (2009-2012) Николовска е Шеф на кампања на акцијата за пошумување Ден на дрвото – засади ја својата иднина!
Автор е на повеќе книги поезија, теорија на литература, литературна критика и есеистика, филозофски разговори.

Ги објавила поетските книги „Десимфонија“ (1988) и „Мугроносна“ (1989), од областа на теоријата на литературата, литературната критика и есеистика: „Метафора на припадност“ (1999, теорија на литература, магистерски труд), „Организација на тишината“ (2000), „Глаголска метафора“ (2004), „Филозофемски мрежи“ (2004), „Внатрешен молк“ (2006), потоа  „Харизма“ ( 2006, разговори со македонски уметници и писатели), „Опус-великан“ (2009, книга за Гане Тодоровски: разговори, критики и есеи).
Приредувач е на неколку избори поезија и на антологии.

You May Also Like