КИЦ во Софија со богата програма оваа година

Во Културно-информативниот центар на Македонија во Софија во првата половина од годината, со поддршка на Министерството за култура, се реализираа повеќе од 20 настани од сите дејности на културата кои наидоа на одличен прием кај тамошната јавност, а до крајот на годината, предвидено е претставување на уште десет нови културни содржини.

KIC-Sofija-Bugarija

Според информациите од Културно-информативниот центар, овогодишната програма која е содржински богата и квалитетна, од почетокот на годината, ја проследиле преку 6.000 посетители, меѓу кои се голем број на претставници од странски амбасади во Софија, претставници на други културни центри во оваа метропола, но и странци кои живеат и работат во Софија.

Од настаните кои се реализираа оваа година, посебен интерес, со повеќе од 660 посетители, предизвика првото учество на Република Македонија на големата поетска манифестација на европските литератури, манифестацијата „Литературна ноќ“, која беше во организација на Европската асоцијација на културни институции, а како дел од организациониот одбор беше директорот на КИЦ на РМ во Софија, Васко Шутаров. Исклучително голем број посетители, преку 2000, имаше и претставувањето на Саемот за туризам во Софија, на кој, свој настап имаше и младата македонска гитаристка, воедно и автор на неколку збирки поезија, Македонка Ичева.

Од настаните кои се реализираа со поддршка на Министерството за култура, особен интерес предизвика етно џез концертот на реномираниот македонски уметник Тони Китановски кој заедно со Илчо Јованов, Александар Секуловски и Дине Донев настапи во познатиот салон на Чешкиот културен центар во Софија.

Особено забележани беа и претставувањата на литературните портрети на некои од позначајните писателски имиња од македонската литература, како Јовица Тасевски Етернијан, Михаил Ренџов и Радован Павловски, а претставувањето на поетското творештво на Влада Урошевиќ во една од најпознатите книжарници во Софија, книжарницата „Хеликон“ привлече повеќе од 150 посетители.

Вниманието кај литературната јавност во Софија беше испровоцирано и со претставувањето на книжевниот опус на познатиот автор Венко Андоновски на Филолошкиот факултет на Софискиот Универзитет, чие предавање за балканските литератури во рамките на современите литературни текови го проследија бројни еминентни професори и студенти, писатели, литературни критичари и почитувачи на големиот македонски писател.

Во Културно-информативниот центар во Софија годинава се реализираа и неколку ликовни претставувања, меѓу кои се изложбите на уметниците Мирјана Крстева Масети од Гевгелија, Христина Георгиева и Теодора Петева од Севлиево, од Бугарија, како и изложби на Бајрам Џелили и Станко Ѓорѓиев.

До крајот на годината, во Културно-информативниот центар во Софија ќе бидат презентирани уште неколку културни содржини, меѓу кои се ликовните претставувања на скулпторот Жарко Башески чие творештво ќе биде изложено во престижната галерија Париз-Москва, потоа изложбата “МОМИ“ во организација на Музејот на современа уметност, како и изложби на Афердита Кики, Илија Кочовски и Милош Коџоман. Во Софија ќе биде презентирана археолошката поставка „Праисториските дами од Македонија“, ќе биде претставен литературниот портрет на академик Митко Маџунков, а се очекува бугарската јавност да го погледне и мултимедијалниот проект на македонски студенти во Софија, проект кој ќе се реализира на Новиот бугарски Универзитет.

Културно-информативниот центар, со промоција на книга со одбрани песни, преведени на бугарски јазик, ќе се вклучи во одбележувањето на 90 годишнината од раѓањето на Ацо Шопов, КИЦ на Република Македонија во Софија, кој со одлука на Владата на РМ е формиран во 2005 година, има богат библиотечен фонд со над 4.000 наслови и просечна редовна фреквенција од околу 300 посетители, кои секојдневно изнајмуваат книги, користат бесплатен интернет или добиваат рекламен туристички материјал за Република Македонија.

You May Also Like