„Македонска реч“ неодамна објави две изданија со драмски дела на познатиот чешки писател Карел Чапек „РУР“ и „Бела болест“, првпат објавени на македонски јазик, во превод од чешки јазик на Донка Роус.
Во периодот од 1920 до 1927 година Чапек пишува романи и драми со утопистичка содржина. Речиси во сите се работи за некаков пронајдок, некакво техничко откритие, кое потоа е злоупотребено и е наменето за уништување на човештвото. Чапек ја согледува опасноста од таквите откритија и од брзиот напредок во техниката кој, всушност, е побрз од човечкиот морал. Таквиот проблем писателот го третира во драмата „РУР (Румсовите универзални роботи)“, со која стекна светска слава. Во оваа научнофантастична драма Чапек прво го споменува зборот робот. Денес е најчитаното негово дело.
За „Бела болест“, која првенствено е окарактеризирана како драма со антифашистичка порака, Чапек напишал: „Првиот поттик за оваа пиеса ми ја даде темата на еден пријател лекар: доктор којшто открива нови зраци што уништуваат малигни тумори, наоѓа во нив зраци на смртта; со нивна помош станува автократ и лош спасител на светот. Од таа тема ми се врежа претставата за лекар, кој на еден својствен начин ја има во своите раце судбината на луѓето. Но во наше време има толку луѓе, коишто ја имаат или сакаат да ја имаат в раце судбината на народите или на човештвото, што никогаш не би ме привлекло да ги размножам уште во еден примерок…“
Карел Чапек (1890-1938) е најмаркантната личност во чешката книжевност. Пишува хумористично и интелигентно за шрок спектар на теми и се смета за основоположник на класичната научна фантастика. Роден е во во Мале Сватоњовице. Во гимназија се запишал во Храдец Кралове, потоа продолжил во Брно, за на крај да ја заврши во Прага. Студирал во Прага филозофија на Филозофскиот факултет, потоа и во Берлин. По завршувањето на студиите работел извесно време како воспитувач, потоа се вработил во редакцијата на Národní listy (1917 – 1920), па во Lidové noviny (1921 – 1938). Во годините 1921 – 1923 бил драматург и режисер во Виноградскиот театар. Во 1935 г. се оженил со актерката Олга Шенфлугова којашто подоцна, по смртта на К. Чапек, писмата добиени од него, за време на неговите патувања, ги објавува како роман „Чешки роман“, а по нејзината смрт писмата биле издадени во едицијата „Писма до Олга“ (1971). Карел Чапек умира на католички Божиќ – 25.XII 1938 г., во Прага, точно пред германската окупација на Чехословачка.
Збирката „Распетие“, 1917, е првата самостојна книга на К. Чапек. Потоа следи збирката „Мачни раскази“, 1921 г. За периодот од 1920 до 1927 година за Чапек се карактеристични творбите, романите и драмите со утопистичка содржина. Тогаш ги пишува драмата „РУР“, „Тајната на Макропулос“, романите „Кракатит“ и „Фабрика на апсолутно“ и др. Тука спаѓаат и заедничките творби на браќата Јозеф и Карел Чапек „Од животот на инсектите“ и „Адам создателот“. Покрај овие творби треба да се споменат и неговите книги, интервјуа, дискусии со првиот чешки претседател Т. Г. Масарик, како „Разговори со Т. Г. Масарик“. Во периодот 1933 – 1935 К. Чапек ја пишува трилогијата „Ветрогон“, „Хордубал“ и „Обичен живот“.
Последната негова творба „Животот на композиторот Фолтин“ останала недовршена, бидејќи во 1938 г. умира. Неговиот брат Јозеф веднаш по окупацијата на Чехословачка бил одведен во концентрационен логор и точно пред крајот на војната, во 1945 г., во концентрациониот логор Берген Белзен, умира од тифус.